Рама: „Отворен Балкан“ беше добра иницијатива, имаше отпор зашто сите мислеа дека зад неа сме јас и Вучиќ

Рама

Зборувајќи за иницијативата „Отворен Балкан“, во интервју за Јуроњуз, премиерот на Албанија Еди Рама оцени дека таа не добила поширока поддршка поради перцепцијата дека тој и Вучиќ стојат зад неа.

„Тоа беше „ужасна идеја“ само од една причина, бидејќи Вучиќ и јас бевме зад неа. Да ги земевте нашите имиња и да ставите уште две имиња, ќе беше одлична идеја. Како и со сè на Балканот, ако видовме дека доаѓа од друг извор, секако дека ќе беше одлична идеја“, рече Рама.

Тој додаде дека смета оти иницијативата е добра бидејќи претставува она што земјите од регионот сигурно ќе го спроведат во процесот на пристапување кон Европската Унија.

Зборувајќи за европската интеграција, Рама оцени дека Западен Балкан е поважен за Европската Унија денес отколку порано.

„Денес, на Европа ѝ требаме колку што ни требаме нам, можеби дури и повеќе. Ние сме многу важен дел од сложувалката што треба да се додаде во европскиот мозаик. Инаку, не е изводливо Европа да нè држи надвор од својата куќа и да не нè има околу масата. Треба да бидеме политички обединети околу масата, како семејство“, истакна Рама.

Тој предложи седумте земји што водат преговори за пристапување со Европската Унија редовно да учествуваат во заеднички политички дискусии со земјите-членки.

Според него, таа група треба да ги вклучува Албанија, Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Украина и Молдавија.

„Не зборувам за самото членство, бидејќи тоа ќе биде процес базиран на заслуги и индивидуален. Но, политички сите треба да бидеме заедно околу масата, како семејство“, рече Рама.

Тој, исто така, оцени дека Европската Унија станала порешителна благодарение на рускиот претседател Владимир Путин.

„Тој некако ги разбуди, бидејќи беа во некаков сон и постојано го кажуваа истото. Потоа сфатија дека животот не е толку убав и дека мора да се соберат. Благодарение на Путин, ЕУ стана похрабра, а НАТО посилна. Сега се во нова фаза. Гледам промена. Единственото прашање е дали ќе се движат брзо или ќе чекаат некои да ги изгубат изборите, а потоа да почнат од почеток“, рече тој.

Албанија и Србија не мора да се согласат за сите прашања, но тоа не смее да биде пречка за соработка меѓу двете земји, изјави вечерва албанскиот премиер Еди Рама, додавајќи дека комуникацијата и согласноста се најважни во односите со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во исто време, Рама рече дека на Европа ѝ е потребен регионот на Западен Балкан „повеќе од кога било“.

Во интервјуто за Јуронујз, тој зборуваше и за политичкиот однос со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и рече дека преговорите со него секогаш се тешки, но дека соработката меѓу двете земји е неопходна.

„Убеден сум дека требаше да направиме повеќе на Западен Балкан. Убеден сум дека ако можевме да работиме повеќе заедно, тоа би било добро за сите. Но, имавме свои тешкотии и пречки, а потоа повторно се појавија некои прашања на средина од процесот. Сепак, едно е сигурно, никој нема да исчезне од ова соседство. Ние ќе бидеме таму. Изборот е многу едноставен – дали ќе се бориме и ќе создаваме тешкотии само за себе и за иднината, или ќе најдеме начини да соработуваме“, рече Рама.

Тој изјави дека најважно е што Белград и Тирана постигнале договор дека постојат прашања за кои имаат различни ставови.

„Најважното во овој однос е што се согласивме да не се согласуваме за нешто што е црвена линија за нас. Но, ова не треба да биде пречка за нас да најдеме други заеднички работи и да работиме заедно. Колку повеќе работиме заедно, толку подобро ќе биде за сите и полесно ќе биде да се реши ова прашање“, истакна Рама.

На прашањето колку често разговара со Вучиќ, тој одговори дека содржината на разговорите е поважна од нивната фреквенција.

„Комуницираме кога е потребно. Добро е што овој однос е многу искрен, секој кажува точно што мисли, понекогаш не е убаво, може да биде тешко, но тоа е начин односите да го издржат тестот на времето. Имаше добри и лоши моменти, имавме разлики, но комуникацијата е најважна“, рече албанскиот премиер.

Зборувајќи за протестите во Албанија против проектот на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кои организаторите ги нарекуваат „Револуција на фламингосите“, Рама оцени дека тие се израз на растечките очекувања на граѓаните, додавајќи дека Албанија се искачила на повисоко ниво.

„Ова е многу значаен момент во нашата историја. Протестот не е само за проектот, туку сигнал дека земјата се искачила на друго ниво. Развојот стана шема. Луѓето повеќе не се толерантни кон она што недостасува. Луѓето сакаат повеќе и го сакаат сега. И не можете да ги обвинувате луѓето за тоа. Тоа е цената на нашиот успех. Порано ја славевме изградбата на првиот парк во градот. Денес секој сака свој парк во соседството. Порано славевме дека има вода 15 часа – денес ја сакаат 24 часа. Тоа е протест на растечките очекувања“, рече тој.

На прашањето дали протестите претставуваат обид за дестабилизација или форма на хибридно дејствување, тој одговори дека сè додека се мирни, тие се легитимни, додавајќи дека е „поинаква приказна“ ако станат насилни.

Рама истакна дека одговорот на владата на протестите ќе биде продолжување на работата и одлуките на граѓаните на изборите.

„Ќе се обидеме да направиме сè што можеме за да го решиме она што можеме да го решиме. А потоа ќе дојдат изборите и тие ќе одлучат“, рече тој.

Зборувајќи за предизвиците со кои се соочуваат современите демократии, Рама оцени дека социјалните мрежи претставуваат еден од најголемите проблеми.

„Верувам дека демократиите во суштина минуваат низ многу тежок и предизвикувачки период. Исто така, верувам дека во меѓувреме се заштитуваме и се обидуваме да ги зголемиме капацитетите за да можеме да се заштитиме. Вложуваме многу во одбраната и сме многу изложени на непријателот – социјалните мрежи кои имаат капацитет да ги нарушат мозоците на нашите луѓе“, рече тој.

Тој додаде дека, според неговите тврдења, демократиите ја изедначиле слободата на говорот со можноста да се допре до голем број луѓе преку социјалните мрежи.

„Социјалните мрежи се нашиот најголем, најголем нерешен проблем. Демократиите ја помешале слободата на дофат со слободата на говорот. Слободата да се допре до секој мозок во нашите општества и да се игра со секој мозок и да се сее секаков вид лудило е навистина голем проблем. Лагите се забавни, но вистината е здодевна“, заклучи албанскиот премиер.

Најчитано