„Резервирате“ место на плажа во Халкидики? Во Геракини 100 чадори и лежалки завршија на рециклирање

Оставањето чадор или лежалка на плажа за местото да ве „чека“ и следниот ден може да заврши поинаку од очекуваното. Во Геракини на Халкидики, општинските служби отстранија околу 100 чадори и лежалки кои биле трајно поставени на плажата, дел од нив вкопани во песокот, а други дури и заклучени со синџири.

Акцијата беше спроведена на 18 август од Општина Полигирос, откако претходното предупредување до граѓаните и туристите да ја отстранат опремата што постојано останува на јавниот простор не било почитувано.

На терен излегле општински работници со камион, две помали товарни возила и багер. Чадорите и лежалките биле демонтирани и отстранети од плажата, а според информациите од надлежните служби, предметите отстранети на овој начин се третираат како отпад и биле однесени во постројка за рециклирање.

Причината е практиката која во текот на летото може да се забележи на повеќе грчки плажи, туристи или локални жители оставаат сопствени чадори, лежалки, столици и друга опрема преку ноќ, понекогаш и со денови, со што фактички си „резервираат“ дел од плажата.

Општина Полигирос уште на 24 јуни предупреди дека плажите се јавен простор и побара трајно поставената опрема да биде отстранета. Рокот бил до 5 јули, а во предупредувањето јасно било наведено дека по истекот на рокот општинските служби самите ќе ги отстрануваат предметите што остануваат на брегот.

Може да понесете свој чадор – но не и да си „присвоите“ место

За туристите е важно да се направи разлика: мерката не значи дека на грчките плажи е забрането да дојдете со сопствен чадор, столица или лежалка.

Проблемот настанува кога опремата останува трајно поставена на јавната плажа, особено ако е вкопана, врзана или заклучена и со тоа се создава впечаток дека одредено место му припаѓа на конкретен корисник и кога тој воопшто не е присутен.

Грчките правила го штитат правото на слободен пристап до брегот. На плажите каде делови им се дадени на користење на угостителски или други бизниси, најмалку половина од просторот треба да остане слободен од такви концесии. И самите концесионери имаат ограничувања колкав дел од доделениот простор смеат да го покријат со чадори и лежалки.

Дополнително, пред морето треба да има слободна зона за движење, а пристапот на граѓаните до брегот не смее да биде попречуван.

Тоа важи и за самите посетители: тие имаат право да го користат слободниот дел од плажата, но се должни да не го попречуваат движењето на другите, да го одржуваат просторот чист и да не ја нарушуваат природната средина.

Ако некој ја „окупирал“ плажата, постои и MyCoast

Грција во последните години значително го заостри надзорот врз користењето на плажите. Преку официјалната апликација MyCoast, посетителите можат на мапа да проверат кои делови од плажата легално се дадени под концесија и колкава површина смее да користи конкретниот оператор.

Преку истата апликација може да се пријави и незаконско зафаќање на брегот или надминување на дозволената површина.

За бизнисите санкциите се значително построги и можат да вклучуваат отстранување на чадорите и лежалките, парични казни, затворање на незаконски зафатениот простор, па и забрана за учество на идни концесии.

Случајот во Геракини, сепак, испраќа поедноставна порака и до обичните туристи: сопствен чадор за денот не е проблем, но плажата не може да се „резервира“ со оставање опрема преку ноќ. Во спротивно, следното утро чадорот може да не биде таму, а во Геракини дел од ваквата опрема заврши директно на рециклирање.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?