(ВИДЕО) Пожарите во Халкидики стигнаа до куќите, а туристите се евакуираат по морски пат

Драматична е состојбата на првиот крак на Халкидики, каде голем пожар што избувна во реонот на Сивири брзо се прошири под влијание на силниот ветер, стигна до населени подрачја и принуди жители и туристи да ги напуштаат Сивири и Фурка. Дел од луѓето се извлекуваат и по море, додека грчките власти постојано ги засилуваат противпожарните сили.

Огнот се движи низ борова шума и ниска вегетација, а силниот ветер значително го отежнува гаснењето. Пожарниот фронт во еден момент се протегал на околу три километри и се движел кон крајбрежниот дел меѓу Сивири и Фурка.

Ситуацијата станала особено критична кога огнот го преминал главниот пат и се доближил до куќите. Грчките медиуми објавуваат дека најмалку два објекти биле зафатени од пламенот, додека жители за ЕРТ сведочеле дека нивни домови биле уништени.

Грчкиот систем за итни предупредувања 112 во повеќе наврати испраќал пораки до луѓето во загрозените подрачја.

Жителите и туристите во Сивири прво биле повикани да се движат кон Мола Калива, а потоа добиле нови инструкции да се упатат кон Касандрија. Луѓето во Фурка, пак, биле насочени кон Неа Скиони.

Евакуациите предизвикале големи сообраќајни гужви, а патот меѓу Сивири и Фурка бил затворен. Со ширењето на огнот кон крајбрежјето, копнените патишта не биле единствената опција за извлекување на луѓето.

Во операцијата биле вклучени и пловила на крајбрежната служба, противпожарните сили и приватни бродови. Кај Сивири бил испратен и поголем патнички брод за евентуален транспорт на луѓе доколку пожарот дополнително се доближи до крајбрежните населби.

Според ЕРТ, дел од граѓаните и туристите веќе се качувале на приватни пловила за да бидат пренесени кон побезбедни подрачја.

Станува збор за особено чувствителен момент за Халкидики бидејќи средината на август е врв на туристичката сезона, а на Касандра престојуваат голем број домашни и странски туристи.

На терен биле распоредени повеќе од 140 пожарникари, десетици противпожарни возила и пешадиски тимови. Од воздух дејствувале авиони и хеликоптери, а во операцијата биле вклучени и странски пожарникари распоредени во Грција во рамките на европскиот механизам за помош во сезоната на пожари.

Борбата со огнот има последици и за самите спасувачки екипи. Грчките медиуми објавија дека неколку пожарникари побарале медицинска помош поради повреди, изгореници или проблеми со дишењето.

Причината за избувнувањето на пожарот сè уште официјално не е утврдена. Во грчките медиуми се појавија информации дека една од можностите што се испитуваат е дефект или проблем со електричната мрежа, но истрагата на противпожарната служба треба да утврди како точно започнал огнот.

Халкидики се наоѓа во период на многу висок ризик од пожари, а силниот ветер овозможува огнените фронтови за кратко време да минуваат големи растојанија.

Најголемиот притисок останува на потегот меѓу Сивири и Фурка, каде службите се обидуваат истовремено да го запрат ширењето на пожарот, да ги заштитат куќите и туристичките објекти и безбедно да ги извлечат луѓето од загрозените подрачја.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали Владата треба да се извини за грешката со знамето во настанот за 35 г. независност?