Српскиот претседател Александар Вучиќ, неколку часа пред најавената оставка, соопшти дека подготвува одлуки за помилување и аболиција на повеќе лица поврзани со настаните во Србија во изминатата година и половина.
Вучиќ во гостување на РТС рече дека сè уште работи на одлуките и дека тие ќе опфатат лица „од двете страни“ на политичките и општествените конфликти што ја одбележаа Србија во овој период. Не прецизираше целосен список на лицата на кои ќе се однесуваат одлуките.
Тој најави дека различно ќе постапува со лицата кои веќе имаат судска пресуда и со оние против кои постапките сè уште не се завршени.
Според Вучиќ, целта е со овие одлуки да се придонесе за „помирен живот и подобро разбирање“ во земјата.
Меѓу лицата кои ги спомена е и група активисти од Нови Сад, која ја поврза со Мила Пајиќ. Вучиќ рече дека има намера да ги аболира членовите на групата, иако очекува таквата одлука да предизвика реакции кај неговите поддржувачи.
Тој најави помош и за поранешни државни функционери кои, како што рече, поминале седум или осум месеци во притвор.
„Многумина ќе бидат изненадени од помилувањата и аболицијата“, рече Вучиќ.
Најавата доаѓа на денот кога Вучиќ треба да ја напушти функцијата претседател на Србија. Тој претходно соопшти дека оставката ќе ја поднесе вечерва, најверојатно околу 20 часот, кога најави и обраќање во кое ќе ја образложи одлуката.
Вучиќ уште на 14 септември најави дека по оставката ќе се вклучи во предизборната кампања како граѓанин. Србија претходно распиша парламентарни избори за 25 октомври, а Вучиќ е предложен за носител на листата „Обединета Србија“ и кандидат за премиер.
По поднесувањето на оставката, функцијата претседател привремено треба да ја преземе претседателката на распуштеното Народно собрание Ана Брнабиќ, до избор на нов претседател.

