Загреб денес речиси целосно остана без трамвајски и автобуски превоз откако во 3:30 часот почна штрајкот на работниците во Загрепскиот електричен трамвај – ЗЕТ и Загрепски холдинг. Од околу 200 трамваи и 300 автобуси што вообичаено се на линиите во овој период од годината, во текот на денот сообраќаа само два трамваи и еден автобус. Според последните информации, прекинот ќе продолжи и во вторник, доколку во меѓувреме не дојде до договор.
Штрајкот почна по неуспешните преговори меѓу синдикатите и раководствата на ЗЕТ и Холдинг за основицата на платите, другите материјални права и новите колективни договори. Во Загребскиот холдинг и ЗЕТ се вработени околу 9.200 луѓе, а голем дел од нив се вклучени во прекинот на работата.
Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, попладнево изјави дека се очекува штрајкот да продолжи и во вторник и ги повика граѓаните повторно да ги приспособат патувањата. Според податоците што ги соопшти, и покрај речиси целосниот прекин на јавниот превоз, бројот на автомобили на улиците бил околу 15 проценти поголем отколку претходниот понеделник, без очекуваниот целосен сообраќаен колапс.
За патниците кои во вторник мора да се движат низ Загреб, една од најреалните алтернативи останува железницата. Градските и приградските возови на HŽ Putnički prijevoz не се опфатени со штрајкот на ЗЕТ и, според објавените информации, сообраќаат според редовниот возен ред. Железничките линии се особено употребливи за патниците од Сесвете, Дубрава, Подсусед, Гајнице и Врапче, како и од правците Велика Горица и Запрешиќ кон Главната железничка станица и центарот. Заедничките важечки претплатни картички ЗЕТ-HŽ продолжуваат да важат во градските железнички зони.
Дел од посебниот превоз сепак функционира. Претседателот на синдикатот на возачите Владимир Јозиќ изјави дека превозот на училишни деца и лица со попреченост е во функција, додека редовните линии практично не сообраќаат. И од синдикатите претходно беше најавено дека за лицата со попреченост ќе биде обезбеден неопходниот превоз.
Штрајкот веднаш ја зголеми побарувачката за такси. Bolt соопшти дека утринската побарувачка била за 300 проценти поголема отколку претходниот понеделник, додека Uber соопшти дека услугата продолжува да функционира, но достапноста зависи од бројот на возачи и моменталната побарувачка.
Во часовите на најголема гужва забележано е и значително динамичко поскапување. На пример, проверка на N1 покажала дека возење од Дубрава до Главната железничка станица чинело 9,90 евра во 5:30 часот, а два часа подоцна цената достигнала 18,90 евра. На релацијата Шпанско – Радничка цената во истиот период пораснала од 16,90 на 33,90 евра. Станува збор за моментални цени кои се менуваат во зависност од побарувачката.
ЗЕТ ги советува патниците да предвидат значително повеќе време за движење низ градот, да користат железница каде што е можно и да организираат заедничко патување со автомобил. За патниците кои во вторник пристигнуваат во Загреб, особено преку Главната железничка или автобуска станица, најсигурно е непосредно пред патувањето да ја проверат состојбата на линиите, бидејќи делумно враќање на автобусите или трамваите е можно доколку дел од возачите се вратат на работа или биде постигнат договор.

