Мусијала повторно падна на терен и предизвика сериозна загриженост во Баерн Минхен, откако само неколку минути по влегувањето во игра на пријателскиот натпревар против Хајденхајм мораше да добие медицинска помош. За 23 годишниот германски репрезентативец ова е втор сличен инцидент за само четири дена, откако претходно му се слоши и на натпреварот со РБ Лајпциг.
Мусијала влезе во игра во второто полувреме, но неговиот настап траеше само неколку минути. Тој повторно заврши на тревникот без претходен контакт со противнички фудбалер, по што медицинскиот тим веднаш влезе на теренот.
Фудбалерите на двата тима застанаа околу него за да го заштитат од камерите додека лекарите му укажуваа помош.
По неколку минути Мусијала успеа да стане и самостојно да го напушти теренот, но не се врати во игра. Баерн на крајот го победи Хајденхајм со 4 спрема 2 во последната подготовка пред почетокот на натпреварувачката сезона.
Особена загриженост предизвикува тоа што речиси идентична сцена беше видена само неколку дена претходно.
На 15 август, во пријателскиот натпревар против РБ Лајпциг, на Мусијала му се слоши во финишот на средбата. Тој изгледаше дезориентирано и нестабилно, а соиграчите веднаш реагираа и му помогнаа пред на теренот да пристигне медицинскиот тим.
По првиот инцидент германските и меѓународните медиуми објавија дека причината можела да биде поврзана со високата температура и проблеми со циркулацијата. Натпреварот се играше на температура од околу 33 степени. Детална медицинска дијагноза од Баерн, сепак, не беше јавно објавена.
Вториот случај за толку краток период сега отвора дополнителни прашања околу здравствената состојба на германскиот репрезентативец.
Спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл, изјави дека клубот е запознаен со состојбата на Мусијала и најави дека самиот фудбалер наскоро ќе се обрати во јавноста. Засега нема официјална информација што точно го предизвикало вториот инцидент.
Ситуацијата доаѓа непосредно пред првиот официјален натпревар на Баерн во новата сезона. Минхенскиот клуб на 22 август треба да игра против Борусија Дортмунд во германскиот Суперкуп.
