АфД расте, ЦДУ губи, европските медиуми ја анализираат позицијата на Мерц

Резултатите од покраинските избори во Берлин и Мекленбург-Предна Померанија го зголемија политичкиот притисок врз германскиот канцелар Фридрих Мерц, откако неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) забележа сериозни загуби, додека Алтернатива за Германија (АфД) значително ја зголеми поддршката.

Според прелиминарните официјални резултати, АфД стана најсилна партија во Мекленбург-Предна Померанија со 38,2 отсто од гласовите. Социјалдемократската партија (СПД) на покраинската премиерка Мануела Швезиг освои 35,5 отсто, додека ЦДУ со 4,9 отсто остана под изборниот праг и нема да влезе во покраинскиот парламент.

Во Берлин, пак, најмногу гласови освои Левица, додека ЦДУ, која досега го имаше градоначалникот, забележа значителен пад на поддршката.

Мерц по објавувањето на резултатите призна дека исходот во Мекленбург-Предна Померанија е „катастрофа“, но не најави повлекување и порача дека сака да продолжи со реформите.

Изборните резултати предизвикаа големо внимание и во европските медиуми, а повеќе весници во своите анализи го отвораат прашањето за политичката позиција на германскиот канцелар.

Француски „Либерасион“ оценува дека Мерц се соочува со уште еден сериозен политички удар по претходниот пораз на ЦДУ во Саксонија-Анхалт на 6 септември. Весникот посочува дека, и покрај притисокот, германскиот канцелар засега не покажува намера да се повлече.

Италијанска „Ла Стампа“ вниманието го насочува кон резултатот на СПД во Мекленбург-Предна Померанија и улогата на Мануела Швезиг, оценувајќи дека нејзиниот изборен резултат може дополнително да ја зајакне нејзината позиција во партијата.

Полскиот весник „Газета виборча“ потсетува дека Мерц при преземањето на раководството на ЦДУ најавуваше значително намалување на поддршката за АфД, додека актуелните изборни резултати покажуваат спротивна тенденција.

Британски „Сандеј тајмс“, според прегледот на Дојче веле, оценува дека Мерц е „донесен до ѕид“, но дека неговата позиција во моментов ја олеснува отсуството на јасен кандидат кој би можел да го замени.

Резултатите доаѓаат само две недели по покраинските избори во Саксонија-Анхалт, што дополнително го засилува политичкиот притисок врз раководството на ЦДУ. Дојче веле оценува дека станува збор за трет сериозен изборен неуспех за партијата во период од две недели.

И покрај значителниот раст на АфД, партијата засега нема јасен пат кон формирање влада ниту во Берлин ниту во Мекленбург-Предна Померанија, бидејќи другите релевантни партии одбиваат коалициска соработка со неа.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?