Центар за гонење на злосторствата извршени за време на руската агресија во Украина треба да се отвори денеска во рамките на Агенцијата за кривично-правна соработка на Европската унија (Евроџаст).
Агенцијата со седиште во Хаг се очекува да собере докази и да подготви насочени обвиненија против наводните сторители.
Инволвираните правосудни органи не ја исклучуваат можноста за кривично гонење на руското раководство.
Во работата на центарот се вклучени Украина, неколку земји од ЕУ, но и Меѓународниот кривичен суд.
На отворањето се очекува да присуствува и висок претставник на американското правосудство.
Во рамките на Агенцијата за кривично-правна соработка на ЕУ веќе е формирана централна база на податоци за докази за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.
Западните земји долго време бараат начини да ја гонат Русија, по можност во специјален суд.
Меѓународниот кривичен суд, исто така со седиште во Хаг, веќе издаде меѓународни налози за апсење на претседателот Владимир Путин поради сомневање за воени злосторства, како што е депортацијата на малолетници од Украина во Русија.
Меѓутоа, судот не смее да поведе постапка за самата агресија.