Британско радио погрешно објави дека кралот Чарлс починал

Чарлс

Британска радио станица им се извини на кралот Чарлс III и на своите слушатели откако погрешно ја објави смртта на монархот, објави денес CNN.

„Поради компјутерска грешка во нашето главно студио, беше активирана постапката за емитување на програмата во случај на смрт на монархот, која сите станици во Обединетото Кралство се должни да ја имаат подготвено, па по грешка во вторник попладне беше објавена веста дека Неговото Височество, кралот Чарлс, починал“, објави во соопштение на социјалните мрежи менаџерот на Радио Каролина, Питер Мур.

Тој објасни дека емитувањето на програмата потоа било прекинато, како што е предвидено во таа постапка, што го привлече вниманието на дежурниот персонал на станицата кон фактот дека имало грешка.

Мур потсети дека станицата со задоволство ја емитува божиќната порака на Нејзиното Височество Кралицата оваа година, како и на кралот, и изрази надеж дека ќе продолжи да го прави тоа уште многу години.

Радио „Каролина“, кое е основано во 1964 година, емитува програма во неколку земји, вклучувајќи ги Белгија и Холандија, која е достапна онлајн низ целиот свет.

На денот на погрешното објавување, 77-годишниот крал Чарлс и кралицата Камила беа во Белфаст, Северна Ирска.

Тие се придружија на прославите во Томпсон Док, каде што Титаник беше закотвен пред неговото прво патување, соопшти Бакингемската палата во вторник.

Кралската двојка се сретна со изведувачите и организаторите кои се подготвуваат за традиционалниот ирски музички фестивал, кој се одржува во август.

Кралското семејство ја посети и дестилеријата Титаник и дозна за производството на виски, пред кралот да ја посети локалната добротворна организација која обезбедува и промовира вештини за дигитални кариери.

Кралот и кралицата подоцна се сретнаа со првиот министер и заменик-првиот министер на Северна Ирска во замокот Хилсборо, кралската резиденција во близина на Белфаст.

Чарлс, кој во февруари 2024 година откри дека му е дијагностициран рак, сподели во видео порака минатиот декември дека неговата терапија ќе биде намалена оваа година бидејќи добро реагирал на третманот, потсети Си-Ен-Ен.

Во изминатиот месец тој ги посети Њујорк и Вашингтон, каде што се обрати пред Конгресот по повод 250-годишнината од независноста на САД, а минатата недела кралот се обрати и пред британскиот парламент, пренесува Танјуг.

Најчитано