Јапонската влада би можела да го поддржи проектот за ЛНГ гасовод на Алјаска вреден 44 милијарди долари со цел да одржи добри односи со претседателот на САД, Доналд Трамп, и да спречи можни тензии меѓу двете земји.
Трамп претходно изјави дека овој проект е клучен за просперитетот и безбедноста на САД.
Според извори на Ројтерс, официјални лица во Токио очекуваат дека Трамп ќе ја покрене оваа тема за време на средбата со јапонскиот премиер Ишиба следната недела.
Планираниот гасовод, долг речиси 1.300 километри, треба да ги поврзе гасните полиња на северот од Алјаска со пристаниште на југот, од каде што течниот гас би се транспортирал до азиските купувачи.
И покрај загриженоста за одржливоста на проектот поради високите трошоци, Јапонија е подготвена да размисли за договор доколку тоа биде побарано.
Владата во Токио би можела да направи и други отстапки кон Вашингтон, како зголемување на купувањето американски гас, поголеми трошоци за одбрана и инвестиции во производството во САД.
На овој начин, Јапонија би можела да го намали билатералниот трговски дефицит со САД од 56 милијарди долари и да ја избегне заканата од воведување увозни царини на јапонската стока.
Белата куќа не даде веднаш коментар по ова прашање, а јапонското Министерство за надворешни работи изјави дека е прерано да се дискутира за темата.