МЗД: Итна и недвосмислена јавна осуда од Владата и раководството на владејачката коалиција за „машкиот надзор на Богојески

Богојески

Најостро ги осудуваме јавните изјави на Петар Богојески, претседател на политичката партија Македонски концепт, дел од владејачката коалиција, кој во телевизиско гостување на национална телевизија промовираше ставови за „машки надзор“ врз жените и го релативизираше насилството во брачните односи.

Ова се истакнува во реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација по повод изјвата на Богојески.

Во реакцијата уште се наведува:

Ниту еден маж нема право да врши „надзор“ врз жената. Ниту бракот, ниту неверството, ниту повикувањето на традиционални вредности не можат да бидат оправдување за контрола, закани, понижување или насилство врз жените.

Кога јавна личност, универзитетски професор и лидер на политичка партија ја претставува контролата врз жените како машка обврска, тоа не е безопасна изјава. Тоа е порака што може да ги охрабри насилниците, да ги обесхрабри жртвите да побараат помош и да ги зајакне стереотипите според кои жените треба да бидат потчинети.

Но уште позагрижувачко е што овие изјави не се случуваат во општествен и политички вакуум.

Само неколку дена претходно јавноста дозна дека Министерството за образование и наука ја изменило програмата за сеопфатно сексуално образование, отстранувајќи ги поимите поврзани со родот и менувајќи ги содржините преку кои учениците треба да учат за родовите стереотипи, дискриминацијата и односите на моќ.

Дали ставовите што Богојески ги промовира на телевизија се истите ставови што образовниот систем повеќе нема доволно јасно да ги учи децата да ги препознаат како штетни?

Ако девојчињата не учат дека контролата врз нивното однесување не е љубов, грижа или право на партнерот, како ќе препознаат психолошко насилство?

Ако момчињата не учат критички да ги преиспитуваат стереотипите за машката доминација, кој ќе им објасни дека достоинството на мажот не се брани преку контролирање на жената или употреба на физичка сила?

Особено загрижува фактот што Богојески не е само приватно лице со контроверзен став. Тој е лидер на партија која е дел од владејачката коалиција.

Затоа директно ги прашуваме премиерот, Владата и парламентарното мнозинство:

Дали ставовите на Петар Богојески за „машки надзор“ врз жените се прифатливи за владејачката коалиција?

Дали Владата смета дека сопругот има право да ја контролира жената и да го оправдува своето однесување со заштита на сопственото достоинство?

Дали ваквите ставови се во согласност со политиките за спречување на насилството врз жените и семејното насилство што Владата тврди дека ги спроведува?

Дали надзорната расправа за семејно насилство на Комисијата за еднакви можност беше само церемонијален политички театар?

И конечно, дали измените на сеопфатното сексуално образование се дел од пошироко политичко прифаќање на ставовите што ја потиснуваат родовата еднаквост, или Владата ќе покаже дека ваквите позиции немаат место во нејзините јавни политики?

Особено е противречно што Министерството за образование и наука истовремено промовира кампања за заштита на децата од семејно насилство, додека во образовната програма се менуваат содржините што треба да им помогнат да ги разберат причините за насилството и да ги препознаат неговите рани знаци.

Не може превенцијата на насилството да биде само медиумска кампања, додека образованието се повлекува од научно заснованото објаснување на родовата нееднаквост и насилството.

Не може јавните функционери да зборуваат за заштита на жените, а да молчат кога политички партнер јавно ја промовира контролата врз нив.

И не може секоја нова генерација да ја оставаме сама да учи дека љубомората не е љубов, контролата не е грижа, а насилството никогаш не е оправдана реакција.

Затоа бараме:

  • Итна и недвосмислена јавна осуда од Владата и раководството на владејачката коалиција, со јасно дистанцирање од ставовите на Богојевски.
  • Јавното обвинителство, по увид во целосната снимка и контекстот на изјавите, да процени дали постојат елементи на поттикнување насилство, дискриминација или говор на омраза, казниво согласно член 394-г од Кривичниот законик.
  • Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да отвори постапка и да утврди повреда на член 9 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
  • Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да го разгледа емитуваниот разговор и постапувањето на телевизијата во согласност со законските обврски и стандардите за спречување на поттикнување дискриминација и насилство.
  • Воената академија, каде што Богојески има академски ангажман, јавно да се произнесе за усогласеноста на ваквите ставови со професионалните и етичките стандарди на високообразовна институција.
  • Министерството за образование и наука итно да ја преиспита ревидираната програма за ССО и да обезбеди дека учениците ќе учат за родови стереотипи, контрола, согласност, злоупотреба на моќ и сите форми на родово базирано насилство.

Бараме и од политичките партии, институциите и медиумите да престанат да го третираат релативизирањето на насилството како обична провокација или телевизиски спектакл.

На Македонија не ѝ се потребни нови генерации што ќе учат дека мажот има право да ја контролира жената. Потребни ѝ се генерации што ќе знаат дека еднаквоста, слободата и достоинството не се предмет на преговори.

Нема оправдување за насилството. Нема оправдување за неговата нормализација.

Не бараме само осуда на една изјава. Бараме јасна гаранција дека ваквите ставови нема да ги обликуваат институциите, образованието и јавните политики што треба да ги штитат жените и децата.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?