Америка гласа, Трамп може да остане без мнозинство во Конгресот

Американските гласачи денеска одлучуваат дали републиканците ќе ја задржат контролата врз Конгресот или демократите ќе добијат можност да ја ограничат политиката на Доналд Трамп во последните две години од неговиот мандат. Изборите се првиот голем национален тест за неговото второ претседателство, во услови на незадоволство од високите цени и војната со Иран.

Се избираат сите 435 членови на Претставничкиот дом и 35 од вкупно 100 сенатори. Во 36 сојузни држави се гласа и за гувернери, а на гласачките ливчиња има бројни прашања за даноците, абортусот, изборните правила и други политики што непосредно влијаат врз секојдневието на граѓаните.

Анкетите и процените на независните изборни аналитичари им даваат предност на демократите во трката за Претставничкиот дом. Борбата за Сенатот останува понеизвесна. Републиканците таму имаат мнозинство од 53 спрема 47 места, што значи дека на демократите им е потребно нето-зголемување од четири сенатски мандати за да ја преземат контролата.

Трамп уверува дека неговата партија ќе ги задржи двата дома. Но републиканците се соочуваат со неповолна политичка традиција, бидејќи партијата на актуелниот претседател вообичаено губи места на изборите што се одржуваат на средината од неговиот мандат.

Овојпат дополнителен товар се трошоците за живот и незадоволството од војната со Иран. Демократите се обидуваат да го претворат тоа расположение во гласови, вклучително и во држави во кои републиканците претходно победуваа убедливо. Сепак, поволните анкети не гарантираат голема изборна победа. Исходот ќе зависи од излезеноста и од резултатите во ограничен број тесни трки.

Интересот за гласање е голем. Според податоците на изборната лабораторија при Универзитетот во Флорида, кои ги пренесува Ројтерс, до понеделникот предвреме гласале повеќе од 57 милиони Американци.

За Трамп, губењето на само еден дом би значело значително потешко спроведување на програмата. Демократско мнозинство би можело да блокира законски предлози, да бара документи и сослушувања и да отвора истраги за постапувањето на администрацијата.

Доколку републиканците ги задржат двата дома, претседателот ќе има поповолни услови да ја продолжи својата политика. Ако демократите го преземат Конгресот, Вашингтон би влегол во период на поостри судири околу буџетот, имиграцијата, надворешната политика и границите на претседателските овластувања.

И во таков случај Трамп ќе го задржи правото на вето и широките извршни овластувања. Затоа евентуалната демократска победа би го променила односот на силите, но не би значела дека опозицијата може самостојно да ја спроведува својата програма.

Првите избирачки места се затвораат на полноќ по македонско време, но за целосната слика може да биде потребно подолго чекање. Во државите со голем број гласови по пошта, пребројувањето може да продолжи со денови, особено ако разликите меѓу кандидатите се мали.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?