Шпанската фудбалска федерација ги одложи натпреварите од Купот на кралот и Купот на кралицата закажани за денеска, 3 ноември, по смртта на Хесус де Мигел, напаѓачот на Тенерифе. Одлуката е донесена како знак на почит и солидарност со семејството и клубот.
Триесетгодишниот фудбалер почина утрово, откако претходната вечер беше тешко повреден при судир со голманот на Андора, Хесус Овоно. По инцидентот на натпреварот, Де Мигел беше пренесен во болница во Санта Круз де Тенерифе.
Неговата смрт ја потврди Тенерифе со соопштение во кое изрази сочувство до семејството и најблиските. Клубот ја пренесе и молбата на семејството за почитување на приватноста во овие тешки моменти.
Одлуката ги опфаќа денешните натпревари од првото коло на Купот на кралот во машка конкуренција и третото коло на Купот на кралицата во женска конкуренција.
Федерацијата дополнително ќе ги соопшти новите датуми и часовите за одигрување на средбите. Откажана е и официјалната презентација во Алмендралехо на натпреварот меѓу репрезентациите на Шпанија и Јапонија до 21 година.
Истовремено, УЕФА донесе одлука сите натпревари кои неделава ќе се играат под нејзина капа да почнат со минута молк за де Мигел

