Протестите во Франција добија неочекуван маркетиншки победник. Додека демонстранти се обидуваа да искршат излози на луксузни продавници во Париз, заштитното стакло ги издржа силните удари, а снимките од неуспешните обиди се претворија во бесплатна реклама за кинески производител.
На видеата што станаа вирални на социјалните мрежи се гледа како маскирани лица со метални предмети и огради удираат по стаклените излози. Иако стаклото пука и се појавуваат бројни оштетувања, тоа останува на своето место и не дозволува упад во продавниците.
Особено внимание привлече снимката од нападот врз продавница на луксузниот бренд „Луј Витон“ во Париз, каде што демонстрантите повеќепати удираат по излогот со метална ограда, но не успеваат да го пробијат.
Кинеската компанија „Хенгсинфенг специјал глас“ (Hengxinfeng Special-Glass), специјализирана за производство на заштитни стакла, се најде во центарот на вниманието откако снимките почнаа да се споделуваат како пример за издржливоста на ваквите производи.
Компанијата, со седиште во кинеската провинција Хенан, произведува специјални стакла отпорни на силни удари, куршуми и експлозии, наменети за банки, продавници за накит и други објекти со високи безбедносни барања.
Сепак, иако снимките беа поврзувани со кинескиот производител, нема независна потврда дека токму оваа компанија го произвела стаклото на продавницата на „Луј Витон“.
Необичната ситуација предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде што корисниците иронично коментираа дека демонстрантите, без да сакаат, направиле подобра реклама за заштитното стакло од која било маркетиншка кампања.
🚨🇨🇳 A Chinese glass company just turned the RIOTS in France into FREE advertising!
— Global Dissident (@GlobalDiss) October 27, 2026
Hengxinfeng filmed NOTHING, just posted a video of its unbreakable windows on social media, and went VIRAL.
EPIC TROLLING! pic.twitter.com/WXWuqfW7uJ

