Македонија последна во регионот по дигитални вештини

Само 30,9 проценти од интернет-корисниците во Македонија имаат барем основни дигитални вештини, што е најнизок удел меѓу шесте економии на Западен Балкан. Уште поголемо е заостанувањето кај вештините над основното ниво, кои ги поседуваат само 6,7 проценти од корисниците, наспроти просекот на Европската унија од 33,5 проценти.

Податоците на Евростат за 2025 година се дел од анализата „Western Balkan E-commerce Insights 2026“ на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, претставена денеска на Деветтата регионална конференција за е-трговија во Скопје. Тие се однесуваат на лицата што користеле интернет во последните три месеци.

Според прикажаните податоци, европскиот просек за најмалку основни дигитални вештини изнесува 64,4 проценти. Македонија е 33,5 процентни поени под него, со удел што е помал од половина од просекот на ЕУ.

Во регионот, веднаш пред Македонија е Албанија со 31,7 проценти. Во Босна и Херцеговина најмалку основни дигитални вештини имаат 40,2 проценти од интернет-корисниците, во Србија 46,7, а во Црна Гора 46,9 проценти. Косово се издвојува со 76,8 проценти, над европскиот просек.

На интернет сме, но вештините заостануваат

Разликата меѓу пристапот до интернет и дигиталните вештини е еден од клучните наоди. Користењето интернет и секојдневната активност на социјалните мрежи сами по себе не покажуваат колку корисниците се подготвени за поширок спектар дигитални задачи.

Посебно изразен е јазот кај вештините над основното ниво. Со удел од 6,7 проценти, Македонија повторно е последна меѓу шесте споредени економии, а европскиот просек е петпати повисок.

Србија има највисок удел во регионот според овој показател, со 14,3 проценти. Следуваат Црна Гора со 11,4 проценти и Босна и Херцеговина со 10,8 проценти, додека Албанија и Косово имаат по 9,3 проценти.

Овие показатели не се однесуваат на бројот на програмери или ИТ-експерти, туку на општите дигитални вештини на интернет-корисниците.

За развојот на е-трговијата, податоците отвораат прашање што оди подалеку од бројот на е-продавници и вредноста на трансакциите — колку луѓе имаат вештини за самостојно и сигурно учество во дигиталната економија. Македонија заостанува зад сите споредени соседи и кај основата и кај повисокото ниво на тие вештини.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?