Советникот на Мицкоски, професорот Александар Спасеновски, очекува период на преиспитување на односите меѓу владините партнери по изборите во Брвеница. Во дебатата во „360 степени“ на МРТ 1, тој оцени дека реакциите од ВМРО-ДПМНЕ покажуваат сомнеж дали Влен ја обезбедил очекуваната поддршка за нивниот кандидат.
„Сметам дека настапува период на преиспитување, би рекол, на релациите, на односите во рамките на коалициските партнери“, рече Спасеновски.
Според него, Влен лавирал меѓу коалицискиот договор со ВМРО-ДПМНЕ и повиците за поддршка на албанскиот кандидат. Сепак, Спасеновски посочи дека гласањето во одделни населени места покажува поддршка преку етничките линии, поради што исходот не може целосно да се објасни со етничка мобилизација.
Поранешниот премиер Владо Бучковски, пак, прогнозира раст на ДУИ и натамошно слабеење на Влен. Тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ очекувала Касами и Меџити да возвратат со поддршка во Брвеница, по гласовите што нивните кандидати претходно ги добиле од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово и Чаир.
Спасеновски е наведен како надворешен советник за европски прашања во јавно објавениот владин список на советници на премиерот. Во емисијата настапи како универзитетски професор и поранешен пратеник.
Во вториот круг од изборите во Брвеница, одржан на 1 ноември, Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција, поддржан од ДУИ, освои 4.442 гласа. Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, доби 4.177 гласа. Разликата изнесува 265 гласа.

