Полициски претреси се вршат на повеќе локации во Штип и Скопје поради сомнежи за незаконско менување оценки, испитни бодови и студентски досиеја на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Според неофицијалните информации, во центарот на истрагата е раководител на ИТ-секторот на Универзитетот, кој се сомничи дека подолг период интервенирал во електронскиот систем за евиденција на студентите.
Сомнежите се дека биле менувани испитни бодови, бришени оценки и овозможувано запишување семестри на студенти кои не ги исполнувале потребните услови.
Според истите информации, интервенциите претежно се однесувале на студенти од Турција, а се испитуваат и сомнежи дека за ваквите услуги биле наплаќани пари.
При претрес во домот на осомничениот, наводно била пронајдена поголема сума готовина. Засега не е познат износот, ниту е потврдено дали парите имаат поврзаност со сомнителните активности.
Во акцијата, според објавените информации, учествуваат полициски службеници од Штип и Скопје, како и службите за компјутерски криминал.
Засега нема официјално соопштение од МВР за евентуални приведувања, бројот на осомничени лица и кривичните дела што се предмет на истрагата.

