„Мајкрософт“ започна нова програма за доброволно заминување со отпремнина, достапна за околу 60.000 вработени. Понудата опфаќа одредени тимови во САД, Канада, Велика Британија и Индија, објавија „Бизнис инсајдер“ и „Блумберг“, повикувајќи се на портпарол на компанијата. Бројката се однесува на вработените што можат да ја прифатат понудата, а не на потврдени заминувања.
Компанијата официјално ја потврди програмата, наведувајќи дека таа е временски ограничена и доброволна. Вработените што ги исполнуваат условите ќе добијат финансиска поддршка и ресурси за планирање на следниот чекор во кариерата. Учеството зависи од потребите и приоритетите на секој оддел.
Според Ројтерс, понудата опфаќа делови од тимовите за вештачка интелигенција, „Копајлот“, финансии, човечки ресурси, „Иксбокс“ и „Виндоус и уреди“. Одредени оддели, меѓу кои маркетингот, комерцијалното работење и безбедноста, се изземени.
Пакетот е сличен на стандардната отпремнина на „Мајкрософт“ и вклучува исплати според стажот и работното ниво, одредено продолжување на правата врз акции, здравствено покритие за ограничен период и помош при преминување на друга работа. Според „Гиквајр“, вработените имаат рок до првата недела од декември да одлучат дали ќе ја прифатат понудата.
Новата програма следува по претходната понуда за доброволно пензионирање, која ја прифатиле околу 30 отсто од приближно 8.750 вработени што ги исполнувале условите. Овојпат нема минимален услов за возраст или стаж, а компанијата очекува помал процент од опфатените работници да се одлучат за заминување.

