Мелони ја менува наставата: Забрана на бурка и никаб, лимит за странски ученици

Забрана на бурка и никаб во италијанските училишта, законски лимит на бројот на странски ученици во една паралелка и задолжително учење италијански јазик за дел од нивните родители се мерките што премиерката Џорџа Мелони ги најави на собирот „Феникс“, организиран од младинското крило на нејзината партија „Браќа на Италија“.

Мелони соопшти дека пакетот наскоро ќе биде доставен до Советот на министри. Точниот максимален број странски ученици што ќе може да учат во една паралелка засега не е објавен.

„Наскоро пред Советот на министри ќе биде претставена мерка со која законски ќе се утврди максималниот број странски ученици во една паралелка. Таа предвидува и родителите на странските ученици кои имаат сериозни тешкотии со интеграцијата во училишниот систем да го научат италијанскиот јазик, како и забрана за бурка и никаб во училиштата“, изјави Мелони.

Премиерката ја образложи мерката со потребата децата што не го познаваат италијанскиот јазик побрзо да се вклучат во наставата.

„Ако во паралелката има само едно дете што не разбира италијански, најверојатно брзо ќе го научи јазикот и ќе се интегрира со помош на соучениците и наставниците. Но, ако бројот на деца што не го разбираат јазикот стане голем, па дури и мнозински, тоа повеќе не е интеграција, туку запоставување“, рече Мелони.

Забраната се однесува на бурката и никабот, кои целосно или во најголем дел го покриваат лицето. Според извештаите на Ројтерс и Асошиејтед прес, во најавените мерки не се споменува забрана на хиџабот, кој ги покрива косата и вратот, но не и лицето.

„Во училиште се оди со откриено лице. Во Италија никој, во име на вистинска или наводна традиција, не може да одлучи дека една млада жена мора да се крие. Еднаквоста меѓу мажите и жените не е предмет на преговори, ниту на нашите улици, ниту во нашите училишта“, порача италијанската премиерка.

Учениците кои немаат италијанско државјанство сочинуваат 11,6 отсто од вкупниот број запишани во италијанските училишта, односно речиси 12 на секои 100 ученици, според податоците на истражувачката фондација ИСМУ.

Најавениот пакет сè уште не е закон. По разгледувањето и одобрувањето од италијанската влада, мерките ќе треба да ја поминат и предвидената парламентарна процедура.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?