Несогласувања во БРИКС, националните интереси во прв план

БРИКС

Дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од БРИКС заврши во Њу Делхи без заедничко соопштение поради „различни ставови меѓу некои членови“ за ситуацијата на Блискиот Исток, објави денес индиското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се вели дека членовите ги изразиле „своите национални позиции и споделиле низа перспективи“ за прашања, вклучувајќи го суверенитетот, поморската безбедност и заштитата на цивилната инфраструктура и животите на цивилите на Блискиот Исток, пренесува АП.

Дополнително, во соопштението се додава дека еден од министрите „имал резерви“ во однос на одредени позиции во врска со Појасот Газа и безбедноста во Црвеното Море.

Министрите повикаа на „итно, трајно и безусловно прекинување на огнот“ во Појасот Газа, како и на целосен и непречен хуманитарен пристап до таа територија.

Тие, исто така, го осудија воведувањето на еднострани принудни мерки и санкции кои не беа одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации.

Во соопштението, исто така, се изразува „сериозна загриженост“ за едностраните тарифи и нетарифните мерки кои, како што е наведено, не се во согласност со правилата на Светската трговска организација.

Индискиот министер за надворешни работи Субрахманиам Џајшанкар изјави дека реформата на Обединетите нации и нејзините помошни тела останува клучна, бидејќи клучните структури на ОН, особено Советот за безбедност, сè уште одразуваат „една претходна ера“.

На состанокот на БРИКС присуствуваа дипломати од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, како и претставници на новопримените членки.

Посебно внимание се посветува на ситуацијата на Блискиот Исток, како и на други актуелни регионални и глобални прашања.

БРИКС е асоцијација основана во 2006 година од Русија, Кина, Индија и Бразил.

Јужна Африка се приклучи во 2011 година, Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати во 2024 година, а Индонезија во 2025 година.

На листата на земји-партнери се наоѓаат и Белорусија, Боливија, Казахстан, Куба, Малезија, Тајланд, Уганда, Узбекистан и Нигерија.

Лавров е во тридневна посета на индискиот главен град.

На настаните на БРИКС, тој разговараше со министрите за надворешни работи на Индија, Тајланд, Египет, Иран и Малезија.

Најчитано