Групи кои се претставуваат како „Германска младина напред“ (Deutsche Jugend voran) и „Млади и силни“ (Jung und stark) собираат млади екстремисти од цела Германија и шират говор на омраза и поттикнуваат насилство. Безбедносните служби и експертите веќе две години евидентираат бројни насилни инциденти и ширење на десничарска пропаганда од овие кругови.
Цела на напади најчесто се членови на ЛГБТК+ заедницата, луѓе кои се перцепираат како мигранти, како и млади луѓе кои десничарските активисти ги сметаат за левичарски. Нападите се чести во Берлин, но и во други градови, особено за време на геј парадите.
Оваа среда, 6 мај, во утринските часови беше извршена полициска рација координирана од Федералното државно обвинителство од Карлсруе: околу 600 полицајци претресоа бројни станови во 12 германски покраини. Преземени се мерки против 36 осомничени, но не се извршени апсења.
Млади мажи подготвени за насилство
Поради јавните повици за насилство против политичките противници, Федералното државно обвинителство ги истражува групите „Германска младина напред“ и „Млади и силни“ како можни криминални здруженија. Според соопштението, членовите се поврзуваат преку социјалните мрежи и на редовни состаноци, а некои од осомничените наводно физички нападнале членови на левичарската сцена. Жртвите биле претепани од неколку напаѓачи и претрпеле сериозни повреди.
Германската министерка за правда Стефани Хубиг ги поздрави постапките на безбедносните сили, велејќи дека тоа ја потврдува сеопфатната закана од насилен десничарски екстремизам низ целата земја. Таа истакна дека десничарскиот екстремизам е најголемата внатрешна закана за Германија, предупредувајќи на растечкиот прилив на млади луѓе во милитантните групи.
Неколку дена пред рациите, ДВ разговараше со истражните органи за младите десничарски екстремисти и мрежи во Берлин, каде што редовно се одржуваат десничарски собири со учество на луѓе поврзани со гореспоменатите групи.
Раководителот на одделот за десничарски екстремизам на Берлинската криминална канцеларија, Волфганг Пемп, предупредува дека денешната крајно десничарска сцена е помалку структурирана од порано, но дека токму младите групи се проблематични, кои, вели тој, брзо се основаат, брзо се преименуваат и брзо „исчезнуваат“.

Целта на полицијата: да се спречат екстремистички кариери
Според Пемп, Берлин е добро организиран во борбата против десничарскиот екстремизам. Специјализираните единици овозможуваат брзо дејствување во политички мотивирани злосторства, особено кога се вклучени малолетници – со брзи обвиненија или кривични налози, вели тој: „Нашата цел е да го спречиме развојот на екстремистички кариери“.
Групите „Германска младина напред“ и „Млади и силни“ се обидуваат да привлечат млади луѓе веќе околу две години, а нивните членови се сметаат за многу млади и екстремно насилни. Нивната идеологија се базира на омраза и повикување на нацизмот на Адолф Хитлер, чиј режим помеѓу 1933 и 1945 година беше одговорен за убиствата на милиони Евреи, Роми, лица со попреченост и политички противници низ цела Европа. Денешните млади неонацисти често се издвојуваат со милитантен стил на облекување, сличен на класичните неонацисти и скинхедси.
Сојузниот министер за внатрешни работи Александар Добринт им се заблагодари на полицијата и обвинителите за нивната акција, нагласувајќи дека државата нема да толерира повици за насилство или насилни напади.
Децата и младите се чести жртви на расно мотивирано насилство
Зголемувањето на поддршката за десничарското насилство меѓу младите долго време ги преокупираше безбедносните служби. Советодавните центри се фокусираат на помагање на жртвите. Берлинскиот центар за поддршка на жртви „ReachOut“ предупредува во документарец од април 2026 година дека децата и младите сè повеќе стануваат мета на десничарски напади.
Во интервју за ДВ, Парто Тавангар од тој берлински центар истакнува дека жртвите сè уште премногу често мора да се борат за признавање на насилството што го претрпеле, особено во контакт со полицијата. Тој додава дека дури и во истрагите често се случува жртвите погрешно да бидат регистрирани како сторители и повикува на поголема видливост и почитување на човековите права што треба да им се обезбеди на жртвите на расистичко и екстремно десничарско насилство во германското општество.