Компанијата OpenAI ги повика Соединетите Американски Држави да преземат водечка улога во меѓународните напори за воспоставување глобални технички стандарди за најнапредните системи на вештачка интелигенција.
Повикот доаѓа во пресрет на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации, каде што вештачката интелигенција се очекува да биде една од значајните теми на разговорите меѓу светските лидери.
OpenAI во објава на својот блог оценува дека е потребен механизам со кој националните и меѓународните стандарди би можеле подобро да се усогласат. Компанијата предлага и заеднички критериуми и протоколи за пријавување инциденти, особено кога станува збор за најмоќните системи со вештачка интелигенција.
Посебно внимание се посветува на таканареченото рекурзивно самоподобрување, при кое системите би можеле автономно да ги унапредуваат сопствените способности.
Од OpenAI велат дека начинот на кој ќе се постават глобалните правила денес ќе има долгорочни последици за тоа кој ќе ги обликува идните стандарди за вештачката интелигенција.
Во меѓувреме, во технолошкиот сектор продолжува дебатата дали развојот на најнапредните системи треба привремено да се забави. Дел од експертите и раководителите во индустријата предупредуваат дека способностите на технологијата се развиваат побрзо од механизмите за нејзино контролирање.
OpenAI, сепак, посочува дека „забавувањето“ не треба да значи фиксна или однапред определена брзина на развој. Според компанијата, истражувањата за безбедноста и усогласувањето на системите со човечките вредности треба да напредуваат најмалку со темпото со кое се зголемуваат нивните способности.
Алтман пред Советот за безбедност на ОН
Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, во среда треба да се обрати пред Советот за безбедност на ОН, на седница посветена на вештачката интелигенција и меѓународната безбедност.
Седницата ја свика Франција, која во септември претседава со Советот, а со неа ќе претседава францускиот министер за Европа и надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Советот за безбедност првпат разговараше за ризиците од вештачката интелигенција во 2023 година. Тогаш Кина предупреди дека технологијата не смее да стане „коњ што се оттргнал од контрола“, додека САД предупредија на можноста за нејзина злоупотреба за цензура и репресија.
Американската администрација на Доналд Трамп се спротивставува на повиците за пауза во развојот на вештачката интелигенција, со образложение дека таквиот потег би можел да ѝ овозможи на Кина да го намали технолошкиот јаз.
Во фокусот дополнително се најде и претстојната средба меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, која треба да се одржи оваа недела во Вашингтон.

