Да го спакувате лаптопот и да ја замените канцеларијата со Сеул, Токио, Барселона или Ханој повеќе не е необична идеја. Ново рангирање на 104 големи светски градови открива каде дигиталните номади во 2026 година добиваат најдобар спој од брз интернет, места за работа, прифатливи трошоци, култура, забава и поволно време. А резултатот е прилично убедлив, Азија речиси целосно го презема врвот, додека Европа има само два града меѓу првите десет.
Рангирањето, кое го пренесува Euronews, го изработила независната платформа за прегледи на VPN услуги vpn.jpn.com. На почетокот биле разгледани 150 од најголемите градови во светот, а конечната анализа опфатила 104. Наместо да се гледа само цената на киријата или брзината на интернетот, авторите се обиделе да измерaт како навистина би изгледал животот на човек кој работи од лаптоп во секој од градовите.
Во пресметката влегле бројот на места погодни за работа, рестораните и местата за излегување, културната понуда, брзината на интернетот, локалните цени и бројот на денови со пријатно време. Како удобен работен ден се сметал ден со просечна температура меѓу 15 и 28 степени и со помалку од пет милиметри дожд.
На врвот не е Токио, туку Сеул.
Главниот град на Јужна Кореја освоил 73,60 од можни 100 поени и е прогласен за најдобар голем град во светот за дигитални номади. Еден од неговите најголеми адути е инфраструктурата за работа. Рангирањето пресметало речиси 60 места погодни за работа на квадратен километар, а Сеул има и најбрз интернет за преземање меѓу градовите во првите десет.
Дополнителен адут се цените. Според моделот на рангирањето, животните трошоци во Сеул се околу 36 отсто пониски од американската референтна вредност што се користела за споредба.
Веднаш зад него е Токио со 72,61 поен.
Јапонската престолнина нема толку многу работни места по квадратен километар како Сеул, но убедливо победува кога лаптопот ќе се затвори. Токио има речиси 395 места за излегување на квадратен километар, најмногу од сите градови во првите десет, како и исклучително богата културна понуда.
Третото место го зазема Ханој со 71,86 поени. Виетнамската престолнина е особено привлечна за оние на кои буџетот им е важен. Цените во моделот се речиси 71 отсто пониски од американската референтна вредност, а Ханој има и најголема концентрација на места погодни за работа меѓу првите десет градови. Дополнително, има околу 180 денови годишно со временски услови што рангирањето ги смета за удобни за работа.

На четвртото место е Тајпеј со 70,98 поени, а потоа повторно доаѓа Јапонија.
Осака е петта со 70,15 поени. Нејзината комбинација од урбан живот, инфраструктура и огромен избор за слободното време ја става пред секој европски град. Со повеќе од 350 места за излегување на квадратен километар, таа е веднаш зад Токио во оваа категорија.
Дури на шестото место се појавува Европа.
Барселона е најдобро рангираниот европски град со 68,11 поени. Таа има 164 денови со пријатни услови за работа, силна културна и гастрономска понуда, а Шпанија има и највисока национална брзина за испраќање податоци меѓу земјите застапени во првите 15 места.

Веднаш зад Барселона е Мадрид со 66,67 поени.
Иако двата шпански града ги делат истите национални показатели за интернет и ценовно ниво, Барселона добила предност поради поголемиот број места за работа, културни содржини и излегување, како и поради 43 дополнителни денови со попријатни временски услови.
Осмото место му припаѓа на Сао Паоло, деветта е Нагоја, а листата на десетте најдобри ја затвора Хо Ши Мин.
Така Јапонија има дури три града меѓу најдобрите десет, Токио, Осака и Нагоја. Виетнам има два, Ханој и Хо Ши Мин, додека единствената европска земја застапена во врвот е Шпанија со Барселона и Мадрид.
Но високото место на Јапонија не значи дека секој дигитален номад едноставно може да пристигне и да остане таму неограничено.
Јапонија има посебна виза за дигитални номади која овозможува престој до шест месеци и не може да се продолжи. Меѓу условите е кандидатот да докаже годишен приход од најмалку 10 милиони јени и да има соодветно здравствено осигурување.
Шпанија, пак, има посебен режим за странци кои живеат во земјата, а работат од далечина за компанија или работодавач надвор од Шпанија. Токму комбинацијата од законска рамка за работа на далечина, добра дигитална инфраструктура, клима и урбан живот дополнително им помага на Барселона и Мадрид во натпреварот со азиските метрополи.
Рангирањето не треба да се чита како универзална формула за тоа каде секој би живеел најдобро. Некому ќе му биде поважна евтината кирија, на друг сончевото време, а на трет можноста легално да остане во земјата подолго време.
Но листата добро ја покажува промената што се случува во светот на работата. Кога канцеларијата може да биде секаде каде што има стабилен интернет, градовите веќе не се натпреваруваат само за туристи и компании. Сè повеќе се натпреваруваат и за луѓе кои можат да работат од кое било место во светот.
