Шефот на Nvidia: Нула проценти шанса ВИ да го уништи светот до 2030 година

Nvidia

Извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, ги отфрли предупредувањата дека вештачката интелигенција би можела да доведе до исчезнување на човештвото до крајот на оваа деценија, оценувајќи дека шансите за такво сценарио до 2030 година се „нула проценти“.

Во интервју за CBS News, Хуанг рече дека не гледа научна основа за сценаријата според кои брзиот развој на ВИ во следните неколку години би можел да доведе до глобална катастрофа.

„Како и да се карактеризира, 2030 година нема да биде крајот на светот. Има нула проценти шанса тоа да биде крајот на светот“, рече Хуанг.

Неговиот став доаѓа во период на засилена дебата во технолошката индустрија за брзината со која треба да се развиваат најмоќните системи за вештачка интелигенција.

Дел од истражувачите и раководителите на компании кои развиваат напредни модели предупредуваат дека нивните способности растат побрзо од механизмите за контрола и безбедност. Хуанг, од друга страна, смета дека развојот не треба намерно да се забавува.

Според него, индустријата треба да напредува „колку што може побрзо“, но тоа не значи дека компаниите треба да пласираат производи пред тие да бидат подготвени и безбедни за употреба.

Хуанг и претходно ги оспоруваше најцрните сценарија за развојот на ВИ. Сепак, неговата сегашна формулација е особено категорична – ризикот технологијата да предизвика крај на човештвото до 2030 година го проценува на нула.

Неговиот став се разликува од предупредувањата што во изминатите години доаѓаа од дел од водечките луѓе во индустријата и од истражувачи за безбедност на ВИ. Во 2023 година, стотици научници и директори во технолошки компании потпишаа кратка изјава во која ризикот од исчезнување на човештвото поради ВИ беше посочен како глобален приоритет, споредлив со други големи ризици за човештвото.

Хуанг не беше меѓу потписниците на таа изјава.

Дебатата има и значајна економска димензија. Nvidia е една од компаниите кои најмногу профитираа од глобалниот бум на вештачката интелигенција. Нејзините графички процесори и други системи се клучна инфраструктура за развој и работа на голем број напредни модели на ВИ, поради што компанијата има директен деловен интерес од продолжувањето на големите инвестиции во оваа технологија.

Хуанг, сепак, инсистира дека брзиот развој и безбедноста не мора да бидат спротивставени цели – компаниите, според него, треба да продолжат со развојот, но да не пуштаат производи кои не се подготвени или се небезбедни.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?