Шпанија се подготвува за трет топлотен бран со температури и до над 45°C

Шпанија

Шпанија се подготвува за третиот топлотен бран ова лето, кој ќе започне во вторник, со температури кои се очекува да надминат 40 степени Целзиусови во поголемиот дел од земјата, соопшти шпанската метеоролошка агенција AEMET. Топлотниот бран ќе биде засилен од антициклон кој ќе го зароби сувиот воздух од Северна Африка над Шпанија неколку дена, кревајќи ги температурите на исклучително високи нивоа, соопшти AEMET.

Се очекува топлотниот бран да се влоши до четврток, кога се предвидува да достигне врв, со температури кои ќе надминат 45 степени Целзиусови во некои изолирани области. „Нивото на опасност ќе биде значајно во најжешките часови од денот, особено за активности на отворено и за ранливите групи“, предупреди метеоролошката агенција.

Најжежок почеток на летото досега

Шпанија веќе доживеа два топлотни бранови ова лето, едниот на крајот на јуни кога беа срушени рекорди на температурата низ цела Европа, а другиот на почетокот на јули. Шпанија го доживеа својот најжежок почеток на летото откако започнаа да се водат рекорди во 1961 година, соопшти AEMET во вторник.

Просечната температура помеѓу 1 јуни и 15 јули била 24,5 степени Целзиусови, што е за 3,3 степени повисока од просекот од 21,2 степени за периодот 1991-2020 година, изјави портпаролот на AEMET, Рубен дел Камбо, за АФП.

Според научниците, климатските промени предизвикани од човекот го зголемуваат времетраењето, интензитетот и фреквенцијата на топлотните бранови што ја сушат вегетацијата и го зголемуваат ризикот од шумски пожари. Пожар што избувна во југоисточната шпанска покраина Алмерија во јули уби 13 лица.

Најчитано