Стакленичките гасови достигнаа нов рекорд: СО₂ во атмосферата е за 53 отсто над прединдустриското ниво

декарбонизацијата

Концентрациите на јаглерод диоксид, метан и диазотен оксид во атмосферата достигнале нови рекордни нивоа во 2025 година, соопшти Светската метеоролошка организација (СМО). Организацијата предупреди дека натрупувањето на овие гасови ќе придонесе за дополнително затоплување на планетата во наредните децении и векови.

Според новиот годишен билтен на СМО, просечната глобална концентрација на јаглерод диоксид (СО₂) во 2025 година изнесувала 426,8 делови на милион. Тоа е за 53 отсто повеќе од проценетото ниво во 1750 година, пред почетокот на индустриската ера.

Во споредба со 2024 година, концентрацијата се зголемила за 2,8 делови на милион. Растот бил помал од рекордниот скок во претходната година, но и понатаму е над просекот за периодот од 2011 до 2020 година.

Од СМО објаснија дека билтенот ги мери концентрациите на гасовите што се насобираат во атмосферата, односно не се однесува само на количината што е испуштена во текот на една година. Приближно половина од СО₂ што се испушта секоја година останува во атмосферата, додека остатокот го апсорбираат копнените екосистеми и океаните.

Нови рекорди се измерени и кај метанот и диазотниот оксид. Просечната концентрација на метан достигнала 1.948 делови на милијарда, а на диазотен оксид 339,1 делови на милијарда. Метанот потекнува и од природни извори, но значителен дел од емисиите се поврзани со сточарството, одгледувањето ориз, фосилните горива и депониите.

Заменичката генерална секретарка на СМО, Ко Барет, предупреди дека стакленичките гасови задржуваат големо количество топлина во атмосферата, што придонесува за екстремни временски појави и ризици за економиите и општествата. Таа посочи дека јаглерод диоксидот се задржува долго во атмосферата и ќе влијае врз климата и во иднина.

Извештајот е објавен пред климатската конференција на Обединетите нации КОП31, која треба да се одржи од 9 до 20 ноември во Анталија, Турција.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?