Украина и САД потпишаа меморандум како прв чекор кон договор за минерали

Украина и САД во четвртокот потпишаа меморандум како првичен чекор кон постигнување договор за развој на критичните минерални суровини на Украина, објави Јулија Свириденко, прв заменик-премиер и министер за економија на Украина.

„Задоволство ни е да го објавиме потпишувањето, со нашите американски партнери, на меморандум за разбирање, кој го отвора патот за договор за економско партнерство и формирање на инвестициски фонд за обнова на Украина“, напиша Свириденко на платформата Х.

Ова доаѓа како резултат на барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за билатерален договор за минерали како дел од неговите напори да стави крај на војната на Украина против руската инвазија.

Трамп, исто така, гледа на договорот како начин за враќање на милијардите долари што САД ги потрошиле за воена помош за Украина.

Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Украина нема да ја признае воената помош од претходната американска администрација како заем.

Соединетите Држави ја намалија својата проценка за трошоците за помошта за Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година на околу 100 милијарди долари од 300 милијарди долари, објави во средата Bloomberg News, цитирајќи извори запознаени со ова прашање.

Минатиот месец, администрацијата на Трамп предложи нов, поширок договор за минерални суровини, кој на Украина не и дава никакви безбедносни гаранции за иднината, но бара сите приходи од експлоатација на природни ресурси од државни и приватни компании лоцирани на територијата на Украина да се прелеат во заеднички инвестициски фонд.

Идниот договор ќе бара ратификација од украинскиот парламент и се очекува да придонесе за економскиот раст на двете земји, изјави вчера Свириденко, без да даде дополнителни детали.

„Ова ќе создаде можности за инвестиции и развој во Украина, но и ќе придонесе за воспоставување услови за опиплив економски раст и за Украина и за САД“, напиша вчера висок украински функционер.

Зачлени се на нашиот е-билтен