Украина побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН

Украина
EPA/SERGEY KOZLOV

Украина побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) по масовните руски воздушни напади, додека Службата за безбедност на Украина (СБУ) потврди дека погодила клучна нафтена постројка во Второво, длабоко на руска територија.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха повика на „решителен одговор на агресорот“ по ноќните напади, кои беа претежно насочени кон регионот на Киев, а во кои Русија ја користеше и балистичката ракета со среден дострел Орешник.

Според претседателот Володимир Зеленски и локалните власти, најмалку четири лица загинаа во руските напади низ целата земја, додека околу 100 беа ранети, а зградите на Владата и Министерството за надворешни работи во Киев беа исто така оштетени.

Во исто време, СБУ потврди дека операторите на беспилотни летала на елитната единица „Алфа“ извршиле успешен напад врз нафтената станица Второво во рускиот Владимирски регион, што предизвика пожар на површина од 800 квадратни метри.

Оваа фабрика, управувана од рускиот државен монопол „Транснефт“, е од стратешко значење бидејќи снабдува гориво за целиот московски регион и московските аеродроми Шереметјево, Домодедово и Внуково.

„За разлика од непријателот што ја таргетира цивилната инфраструктура, Украина напаѓа исклучиво воени и стратешки цели што служат на руската агресија“, соопшти СБУ и објави дека веќе подготвуваат нови специјални операции на територијата на Русија.

Најчитано