Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по повод Денот на Европа, испрати видео порака дека Северна Македонија има место во Европската Унија, но дека земјата треба да ги исполни преземените обврски, вклучително и уставните измени за впишување на Бугарите во Уставот.
Кошта нагласил дека проширувањето останува приоритет за ЕУ и дека Македонија направила значителни чекори на европскиот пат, но оти сега е потребно да се реализираат договорените услови за продолжување на преговорите.
„Ве чекаме во Европската Унија. Време е да се впишат Бугарите во Уставот“, изјавил Кошта, додавајќи дека европската интеграција бара политичка храброст, компромис и исполнување на преземените обврски.
Тој посочува дека Европската Унија останува силен поддржувач на Северна Македонија и дека земјата веќе долго време е кандидат за членство, но дека напредокот во преговорите зависи од спроведувањето на реформите и договорите со соседите.
Изјавата на Кошта доаѓа во период кога во македонската јавност повторно се отвора дебатата за уставните измени, кои се услов за отворање на следната фаза од преговорите со ЕУ.
Владата засега останува на ставот дека нема услови за отворање на Уставот без дополнителни гаранции од Брисел.