Лидерите на НАТО ќе се соберат во Анкара на самит во вторник и среда, поради притисокот од претседателот Доналд Трамп Европа да ги зголеми трошоците за одбрана и по месеците трансатлантски тензии околу војната во Иран и Гренланд.
Честите критики на американскиот претседател кон НАТО, заедно со најавеното повлекување на трупите од Европа и шестмесечниот преглед на американското воено присуство на континентот, поттикнаа неизвесност во рамките на алијансата, оценува Ројтерс.
ШТО ЌЕ РАЗГОВАРААТ ЛИДЕРИТЕ?
Администрацијата на Трамп инсистираше Европа да ги зголеми инвестициите во одбраната и да ја преземе примарна одговорност за одбраната на континентот.
Официјалните лица очекуваат лидерите да се фокусираат на напредокот кон целите за трошоци за одбрана, зголемување на индустриското производство во одбраната и како да се спроведе „префрлање на товарот“ од САД кон Европа.
КОИ ЛИДЕРИ ЌЕ БИДАТ ВО АНКАРА?
Лидери од 32 земји-членки на НАТО, шефови на држави и влади, вклучувајќи го и Трамп, ќе присуствуваат на самитот.
Се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски, јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен да се приклучат на вечерата со лидерите на НАТО денеска невечер.

ШТО ЌЕ КАЖАТ ЛИДЕРИТЕ ЗА ОДБРАНАТА?
Европските лидери ќе се обидат да му покажат на Трамп дека го исполнуваат ветувањето дадено на самитот во Хаг минатата година да потрошат 5% од бруто домашниот производ за одбрана и мерки поврзани со одбраната до 2035 година.
„Во 2025 година, европските сојузници и Канада ги зголемија своите инвестиции во основните одбранбени потреби за повеќе од 139 милијарди долари“, се очекува лидерите да кажат во декларацијата на самитот, според текст што го виде Ројтерс.
„Ја градиме иднината: посилна Европа во посилно НАТО – модернизирана Алијанса. Европските сојузници и Канада, работејќи со Соединетите Американски Држави, преземаат поголема одговорност за одбраната на Алијансата“, треба да кажат тие.
ШТО ЌЕ НАПРАВАТ ЧЛЕНКИТЕ НА НАТО ЗА УКРАИНА?
Се очекува членките на НАТО да ја потврдат поддршката за Украина и да ветат понатамошна помош.
„За 2026 година, сојузниците ветуваат 70 милијарди евра во воена опрема, помош и обука за Украина и ги потврдуваат своите суверени обврски за одржување на барем еквивалентни нивоа во 2027 година“, се очекува да биде запишано во централниот документ од Самитот.
Дел од финансирањето ќе дојде од постојните билатерални ветувања и кредитна линија од ЕУ што обезбедува 60 милијарди евра за инвестиции и набавки во одбраната на Украина за 2026-2027 година. Не се очекува Соединетите Американски Држави да придонесат со финансирање.
ШТО ЌЕ НАПРАВИ АЛИЈАНСАТА ЗА ИНДУСТРИЈАТА?
Иако минатогодишниот самит се фокусираше на договор за нова обврска за трошење. Официјалните лица сакаат овогодинешниот собир да се фокусира на зголемување на производството на оружје и поттикнување на иновациите во одбраната.

Алијансата ќе биде домаќин на форум за одбранбена индустрија во Анкара, каде што ќе бидат објавени договори вредни десетици милијарди долари.
ДАЛИ ИРАН ЌЕ СЕ ПОЈАВИ КАКО ТЕМА?
Европските претставници се загрижени дека војната во Иран и иритацијата на Трамп кон европските влади околу нивниот одговор на неа би можеле да го засенат самитот.
Во нивната декларација од самитот, се очекува лидерите да кажат дека „сојузниците повторуваат дека Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје и да го повикаат Иран целосно да ја почитува слободата на навигација во Ормутскиот теснец“.
ШТО САКА ДОМАЌИНОТ ТУРЦИЈА?
Турција ќе се обиде да ги истакне своите растечки капацитети на одбранбената индустрија и да го повтори својот долгогодишен повик до членовите на алијансата да ги укинат сите ограничувања за трговијата со одбрана во рамките на НАТО.
Претседателот Таип Ердоган, исто така, ќе сака да постигне напредок со сојузниците како Франција и Италија во врска со купувањето на системи за ракетна одбрана SAMP/T и друга соработка во одбранбената индустрија.
Во билатералните разговори со Трамп, се очекува Ердоган да го истакне подобрувањето на врските меѓу Анкара и Вашингтон, додека истовремено ќе инсистира на укинување на санкциите на САД и обновен пристап до програмата за борбени авиони F-35.
КОЈ ДРУГ ДОАЃА?
Исто така, во Анкара, се очекува министрите за надворешни работи на НАТО да се сретнат со колегите од Бахреин, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати, како и да имаат работна вечера со министерот за надворешни работи на Украина и шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас.
Министрите за одбрана на НАТО, исто така, треба да одржат разговори со министрите од Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја.
