Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зеленски: САД не ја прекина воената помош за Украина

Фото: X/@ZelenskyyUa

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека САД не ја прекинале воената помош за Украина, откако новоположениот американски државен секретар Марко Рубио објави дека ќе ги паузира грантови за странска помош на 90 дена.

Зеленски не појасни дали хуманитарната помош е прекината. Украина се потпира на САД за 40% од нејзините воени потреби.

„Јас сум фокусиран на воената помош; таа не е запрена, фала богу“, рече тој на прес-конференцијата со молдавската претседателка Маја Санду.

Двајцата лидери се состанаа во саботата во Киев за да разговараат за енергетските потреби на молдавскиот регион Приднестровие, окупиран од Русија, каде што беше запрена испораката на природен гас на 1 јануари поради одлуката на Украина да го запре транзитот на руски гас. Украина соопшти дека може да им понуди јаглен на властите во Приднестровие за да го надомести недостатокот.

Иднината на помошта на САД за Украина останува неизвесна бидејќи претседателот Трамп го започнува својот втор мандат на функцијата. Американскиот лидер постојано изјавуваше дека не би дозволил да започне руската инвазија на Украина доколку тој беше на функцијата, иако тој беше претседател додека растеа борбите на истокот на земјата меѓу силите на Киев и сепаратистите на линија со Москва, пред Путин  да испрати десетици илјади војници во 2022 година.

Во четвртокот,  Трамп изјави за Фокс њуз дека Зеленски требало да склучи договор со Путин за да го избегне конфликтот. Еден ден претходно, Трамп, исто така, се закани дека ќе воведе строги такси и санкции за Русија доколку не се постигне договор за прекин на борбите во Украина.

Рубио испрати наредба до сите дипломатски и конзуларни претставништва на САД со наредба за пауза за „сите нови обврски за финансирање, во очекување на ревизија, за програмите за странска помош финансирани од или преку Министерството и УСАИД“. Пораката беше во согласност со извршната наредба што Трамп ја потпиша во понеделникот за преиспитување на странската помош на САД. Не беше јасно како наредбата ќе влијае на американската странска помош за Украина и други земји.

Во наредбата се вели дека ширум американската влада „во моментов е невозможно да се пристапи до доволно информации на едно место за да се утврди дали политиките и интересите за странска помош се ефективни и дали се во согласност со надворешната политика на претседателот Трамп“.

Зборувајќи во Киев во саботата, Зеленски рече дека уживал во „добри состаноци и разговори со претседателот Трамп“ и дека верува оти американскиот лидер ќе успее во неговата желба да стави крај на војната.

„Ова може да се направи само со Украина, а инаку едноставно нема да функционира бидејќи Русија не сака да ја прекине војната, а Украина сака“, рече Зеленски.

Зачлени се на нашиот е-билтен