Хуманитарната состојба во окупираниот украински град Олешки, во Херсонската област, станува сè подраматична, а украинските власти бараат итни меѓународни напори за евакуација на цивилите кои сè уште се наоѓаат во градот. Според украинските проценки, во Олешки останале меѓу 1.500 и 2.000 жители, претежно постари лица, лица со намалена подвижност и 47 деца.
Градот, кој пред руската инвазија броел околу 24.000 жители, беше тешко погоден по уништувањето на браната Каховка во 2023 година. По катастрофалните поплави следуваа интензивни воени дејства, поради што денес Олешки е речиси целосно отсечен од остатокот од светот. Пристапните патишта се минирани, а клучната врска со Херсон преку Антоновскиот мост е уништена.
Жителите сведочат за исклучително тешки услови за живот. Недостасуваат храна, вода, лекови и гориво, а болницата функционира со генератори за кои речиси и да нема гориво. Поради недостиг на медицински ресурси не можат да се изведуваат ниту посложени хируршки интервенции, вклучително и ампутации на лица повредени од мини.
Поранешни жители кои помагаат во евакуацијата на цивилите за германскиот сервис Дојче веле изјавиле дека луѓето секојдневно се соочуваат со опасност од мини, артилериски напади и шрапнели. Дополнителен проблем е што руските власти на окупираните територии го ограничуваат користењето на украинските телекомуникациски мрежи, што ја отежнува комуникацијата со надворешниот свет.
Украинското Министерство за надворешни работи најави дека ќе ја отвори темата за Олешки пред Обединетите нации и ОБСЕ, барајќи конкретни мерки за спасување на цивилите во окупираните делови на Херсонската област. Киев ја повика меѓународната заедница да преземе итни активности за евакуација на загрозеното население.
Од Меѓународниот комитет на Црвениот крст потврдија дека се запознаени со состојбата во Олешки и дека водат разговори со надлежните институции од двете страни за можните решенија. Сепак, засега нема конкретни информации кога и дали ќе биде воспоставен безбеден хуманитарен коридор за евакуација на цивилите.
Додека дипломатските напори продолжуваат, жителите на Олешки остануваат заробени меѓу фронтовската линија, минираните подрачја и сè подлабоката хуманитарна криза.
