Зошто Андриќ не сакал да ја прочита „Тешкото“ во ракопис и како Конески му станал „гробар“ на Крлежа

„Дневник по многу години“ на Блаже Конески за прв пат е објавен во 1988. Рацин.мк во неколку продолженија ќе пренесе извадоци од критичкото издание на МАНУ од 2014во пресрет на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик. Впрочем, Конески и неговото дело секогаш се повод сами по себе.

КОШУЛА

Јас сум бил еднаш во животот во Сибир. Колку и да е чудно, најживата врска со Сибир остана една кошула.

Во Новосибирск во хотелот за нас ce грижеше Маша. Ох, каква жена беше таа! Крупна, убава, енергична, да е тешко некој да ја совлада.

Моите другари беа писатели, но и храбри сибирјаци. Косата му се крева на човека кога на споменикот во Новосибирск ќе замисли триесет илјади загинати војници во Втората светска војна.

Моите пријатели раскажуваа како сибирските полкови ја спасиле Москва. Тие биле во тие полкови. Но сега видов дека тие ce плашат од Маша.

Кога на ручекот или вечерата ќе ce испиеше првото шише вотка, тие ми се обраќаа. – „Товаришч Конескиј, речете и на Маша да донесе уште едно“.

Јас им одговарав дека тие самите можат да и го речат тоа, но брзо сфатив дека тие го загубиле авторитетот пред Маша, дека таа ги знае веќе, дека пред неа ce покажале повеќе пати во лоша светлина и дека не сака да им услужува. Затоа радо примив да ги заштитам од презирот на Маша.

Но тоа е само увод во расказот за кошулата.

Анатолиј Никуљков, познат руски писател во Сибир, нè покани мене и Нора на својата дача во близината на Новосибирск. Треба претходно да кажам дека еден роман на Тоља веќе бил објавен во подлистокот на нашата „Борба“.

До местото патувавме со приградска железница. Кога слеговме од возот, тргна краток но пороен дожд.

Jac бев пo кошула и мојата кошула сосем ce наводени. Кога стигнавме во дачата, требаше да ја слечам својата кошула, и домаќинот, Тоља, ми понуди своја, сосем сува. Тоа беше сина кошула, ленена, неугледна навидум, но многу удобна, затоа што беше ленена.

Дождот запре со време. Во дворот на дачата, под борови беше приреден извонреден ручек. Освен Тоља, неговата сопруга и неговите две убави ќерки, беше присутен и редакторот на списанието „Сибирские огни“ – Смердов.

Кога ручекот достигна до својот апогеј, надвор од оградата на малата дача ce покажа еден исполин. Toj ce опираше на бастун и беше очевидно сосем пијан. Некое време стоеше така во надеж дека ќе го поканат на гозбата. Но бидејќи таква покана не уследи, секако дека домаќините знаеја со кого имаат работа, тој ce огласи како ранет елен: „Смердов, отстапи ни ги „Сибирские огни!“ Но и на тоа никој не реагираше.

Нашиот убав пикник ce заврши и ние вечерта ce вративме во Новосибирск.

Другиот ден ми ce јави по телефон Тоља: „Блаже, ти ја заборави кај мене својата кошула“. Јас му одговорив: „Тоља, штом тоа веќе ce случило, задржи ja, a jac ќе ja носам твојата“.

Co години пo тоа сината ленена кошула ми причинуваше задоволство, со својот лек допир, и ме потсетуваше на летниот Сибир.

ИВО АНДРИЌ

За Иво Андриќ најмногу сум слушал од Хамза Хумо којшто го знаел уште од младоста. Toj разговор ce водеше пред многу години во Опатија. Седевме на верандата на една крчма горе во градот. Долу се прелеваше морето во многу нијанси под сонцето што клонеше кон заод.

За жал Хамза беше веќе толку беспомошно штрб што тешко можеше да му ce разбере тоа што го кажуваше. Единствено што сигурно го сфатив беше дека Андриќ е страшно затворен човек и дека таков бил уште во раната младост. Така сум сега јас упатен на своите сопствени впечатоци и сеќавања.

Андриќа го сретнав првпат негде во 1945 година, кога тој го водеше Иницијативниот одбор за организирање на Сојузот на писателите на Југославија. Некои мои помлади пријатели во Белград ми поставија еднаш прашање како ce држел Андриќ во тие денови. Сфатив дека прашањето не е добронамерно и дека тие радо би дознале за некои сервилни постапки на Андриќа со оглед на смената на власта. He можев да го задоволам нивното очекување и одговорив дека многу добро го паметам господственото држење на Андриќа. Ce сеќавам дека еден од оние што му бараа закачки на Андриќа беше Вељко Петровиќ. Така тој расправаше дека една група наши писатели биле во Мадрид пред војната во времето кога Андриќ таму вршел должност на амбасадор. Побарале прием кај нeгo, но им одговориле дека амбасадорот е зафатен со важна и неодложна работа. „Отидовме во Прадо – расправаше чичко Вељко – и што ќе видиме? Нашиот зафатен амбасадор шета под рака со една убава Шпањолка!“

He требаше многу да чекам па и јас самиот да ce уверам колку е Андриќ затворен човек. Пролетта 1946 година и јас бев вклучен во составот на една голема културна делегација што го посети Советскиот Сојуз. Бев најмлад и најнеугледен член на таа репрезентативна група, во која влегуваа повеќе видни личности, меѓу нив и Андриќ. Делегацијата ја водеше Родољуб Чолаковиќ.

Како што сум кажувал и по друг повод, во февруари таа година го бев напишал „Тешкото“. Го напишав едно претпладне во едно сопче во белградскиот хотел „Касина“. Како сега да ми е пред очи листот и оние букви на него пишувани со обичен писец и со мастило мураќип. Бев уверен дека сум создал значаен текст. Листот го пресвиткав и го носев постојано во внатрешниот џеб од палтото.

Зар е чудно што не можев да го совладам искушението и што го замолив Андриќа да ја прочита мојата песна која дотогаш никој не ја беше читал? Ce наоѓав секој ден во близината на еден голем писател и ми ce чинеше дека не треба да ја испуштам шансата. Андриќ откажа со еден таков краток и отсечен гест што јас и не успеав да се навредам, ами веднаш сфатив дека самиот сум постапил непромислено. И до денеска ја паметам таа кратка, повеќе нема сцена. Подоцна, веќе опитен, cè повеќе го оправдував Андриќа, зашто и мене cè почесто ми се случуваше да ги одбивам почетниците што го бараа моето мислење за своите творби. Треба да признаам дека тоа е многу здодевна работа, особено ако младите автори не ce толку разумни колку што бев јас на нивни години.

Од Москва за Ленинград патуваме ноќе во спален вагон во возот „Стрела“. Во купето со Андриќ, на горното легло, беше Феѓа. Јас го делев купето со Вања Радауш којшто единствено мене можеше да ме поднесува, a со сите други се токмеше да ce тепа, дури и со Чолаковиќ. Утрото Андриќ изјавува: „Блазе си му на Феѓа, како што легна, така заспа, како јагне“. A Феѓа ми кажува мене во доверба: „Бога ми, го жалам оној Андриќ. Ce разбудив ноќта, гледам – долу гори светлото. Toj седи на креветот, ги наврел влечките на боси нозе, ја опрел брадата на лактот, гледа некаде пред себе, и толку е тажен, толку е тажен, косата да ти ce крене!“

Идната, 1947 година, Андриќ настапи во Скопје со предавања. Во ресторанот на некогашниот хотел „Македонија“, Јован Бошковски му ја подари на Андриќа својата тукушто излезена книшка „Растрел“, прва македонска збирка раскази. „Многу е танка“, рече притоа како засрамен Јован. A Андриќ одговори: „Ако е добра, доста е дебела. Ако не чини, премногу е дебела“.

Во стариот театар Андриќ одржа тогаш предавање за своите впечатоци од посетата на Сталинград. На публиката и го претстави чичко Павле Шатев. „Другари и другарки, – рече приближно тој – вечерва е пред нас славниот писател Иво Индрич. Be молам да гo ислушаме со внимание предавањето на другарот Индрич“. По предавањето Шатев искажа благодарност: „Му благодарам многу на другарот Андрич за убавото предавање и ce надевам дека ќе имаме можност да го чуеме и другпат“. Кога подоцна ce потсеќававме на таа смешна случка, Андриќ забележа дека секоја слава има свои граници.

Повеќе пати сум ce среќавал потоа со Андриќа, но гледано на состаноци во Сојузот на писателите, по кои понекогаш друштвото остануваше во Клубот на ручек или вечера. Андриќ раскажуваше многу интересно, без да ce истакнува и налага пред другите. Беше мајстор на анегдотата. Тоа беа, реков, среќавања како патем. Еден единствен пат сум му правел друштво подолго време, во текот на десетина дена. Беше тоа на Блед 1964 година, непосредно по конгресот на ПЕН.

Ce случи и двајцата да останеме на одмор. Секоја вечер излегувавме на прошетка по патеката што меѓу нивите и ливадите води до ресторанот над Савица. Ќе поседевме тука извесно време, во таа чудесна опстановка, a после пак ce враќавме назад во Блед по истите стапки.

Андриќ велеше дека тој дошол на конгресот само за да го види Пабло Неруда. Инаку и не би помислил да доаѓа. Сметаше дека Неруда е најголемиот поет на нашиог век.

Еднаш во разговорот реков дека мојата мајка дома просто оди по мене да ја гаси светлоста што јас ја оставам да гори и дека тоа ми пречи зашто ме потсеќава на сиромаштијата. Андриќ прекорно забележа. „Кога сите ние би правеле како Вашата мајка, оваа земја би цутела“.

Heгo го вознемируваше тоа што сегде наоколу ce правеа раскошни куќи. „Се прашам – велеше – кој ќе го плаќа ова и од каде идат тие средства?“

Една вечер, на враќањето од ресторанот, почна да ми кажува за својот писателски опит: „Кога јас ги објавив своите први раскази, мнозина ce чудеа и ми велеа: па што правиш ти, што си ce повлекол во таа босанска провинција, какви ce тие теми, какви ce тие примитивни јунаци? Зар така ce пишува модерно? Гледај го Црњански, гледај го Растко Петровиќ. – И немојте да мислите дека јас не ce согласував со нив. Јас сметав дека ce тие во право. Но јас не можев да пишувам поинаку. После требаше да ce издржат триесет години“.

За академиите Андриќ забележа: „Кога бев надвор, си мислев дека за среќа има едно тихо место каде што спокојно луѓето си ја вршат својата сериозна работа. Кога влегов во Академијата, видов дека тоа е најголемо змиско гнездо“.

He можам да премолчам дека еднаш Андриќ ми даде голема поддршка. Тоа беше на пленумот на Сојузот на писателите на Југославија во Љубљана, на кој ce подготвуваше Титоградскиот конгрес. Мандатот требаше да премине во Сараево, a за нов претседател ce предвидуваше Меша Селимовиќ. Ce јавуваше отпор и јас настојував да ги разуверам опонентите. „Да го послушаме нашиот претседател! – ме поткрепи Андриќ. – Toj е опитен човек“.

Затворениот Иво Андриќ, секогаш готов да ја повлече дистанцата спрема другите, само еднаш сум го видел да ce возбуди и да реагира со повишен тон. Тоа беше во кабинетот на претседателот на Српската академија, во паузата на една седница, на која дојде до израз тоа дека има луѓе што нерадо прифаќаа некои нужни културни акции на општојугословенски план. „Сетете ce како е да останеш без татковина“, – му ce обрати дури зацрвенет Андриќ на еден од нив. – „Тоа е исто како да останеш без кров над глава!

МИРОСЛАВ КРЛЕЖА

Овој убав нотес, во којшто ги запишувам своите сеќавања, го носи ликот на Мирослав Крлежа и е издаден во негова чест.

Си помислувам, зошто тогаш да не забележам во овој нотес неколку збора за Крлежа.

Toj беше за мене фасцинантна фигура, иако, треба да признаам, не сум го читал многу. Подоцна, кога понекогаш и се среќававме, разбрав дека него го мачи токму тоа прашање: колку го читаат?

Ho јас сепак сум го читал барем „Данас“, „Печат“, што значи и „Антибарбарус“. Јас не можев да ce уверам дека имаат право оние што го напаѓаа.

Многу подоцна размислував дека пресметката со него може по сушност да ce сврзе со пресметката со нашиот беспомошен Кочо Рацин, како впрочем и со ред други европски интелектуалци, во чии коски требаше да ce влее страв.

Никогаш не сум ce чувствувал релаксиран во присуство на Крлежа, иако тој беше извонреден домаќин и извонреден аниматор на повеќе средби што ги организираше по различни поводи во Загреб, особено во врска со Енциклопедијата на Југославија.

Кога го избиравме за претседател на Сојузот на писателите на Југославија на Конгресот во Белград во 1956 година, падна предлог да ce гласа за него со акламација, зашто за нас треба да биде чест што тој ce прифатил да ја врши таа должност. Две раце само ce кренаа против тој предлог. Против бевме Мира Алечковиќ и јас. Поради тоа мораше да ce спроведе, како што и беше предвидено по ста[1]тутот, тајно гласање. Кога ce решив да истапам против, за мене беше важно да ја запазиме демократската постапка, независно за која личност ce работи. На таквото гласање Крлежа мина со огромно мнозинство. Сепак еден угледен писател ми обрна внимание дека сум згрешил и дека Крлежа тоа нема да ми го заборави. Како што ce надевав, никакви реакции потоа не уследија од страна на Крлежа.

Сосем спротивно од тоа, паметам една случајна средба во трамвајот во Белград. Возачот возеше остро, a ние стоевме и ce држевме цврсто за рачките. Полничкиот човек ме препозна и ми се израдува срдечно.

Крлежа беше заинтересиран за издавање на македонско издание на Енциклопедијата. На времето тој негов проект можеше да ce реализира со тогашни 500.000.000 динари. Toj мислеше дека јас можам да помогнам да се реализира неговата замисла. Меѓутоа мене искрено ми рекоа тие што располагаа со парите дека им е тешко да ce решат да одделат таква сума за да не предизвикаат револт на македонските творци во други области кои ce надеваат на тие средства.

Во 1963 година, ако не ce лажам, требаше во Хрватското казалиште во Загреб со претстава на Глембаеви да го одбележиме неговиот седумдесетгодишен јубилеј. Јас бев тогаш претседател на Сојузот на писателите на Југославија. Еден ден пред тоа присуствував во исто својство на закопот на Виктор Цар Емин во Опатија. Крлежа ме сретна во холот на „Еспланада“ во Загреб. – „Здраво, гробаре“, – ми рече тој. „Вчера го закопа Виктор Цар Емин, a денеска сакаш да ме закопаш мене!“

Во 1969 година ce најдов неочекувано во функција спрема Крлежиното дело. Бев претседател на Комисијата за доделување на Његошевата награда. Крлежа тогаш ги издаваше своите „Знамиња“. Бев уверен дека од повеќе причини не доаѓа во прашање да не му ce додели наградата нему. Јас самиот му бев благодарен за текстот за Дунав, што емоционално силно ме ангажираше. Бев изненаден кога на заседанието на Комисијата на Цетиње ce јави силен отпор против Крлежа. Отпорот беше совладан благодарение на интервенцијата на Густав Крклец, a особено на Михаило Лалиќ. Јас дури тогаш ce сетив дека Крлежа во самите „Знамиња“ забележува дека Његош презел нива од некоја вдовица. Да биде уште полошо, тој ce искажал против подигањето на споменикот на Мештровиќ на Ловќен (Мештровиќ му беше нему секогаш коска во грлото). A тоа тогаш беше горешта тема на денот.

Утрото на другиот ден, дури доделувањето на наградата уште не беше објавено, отидов да го разгледам, заедно со покојниот Јован Бошковски, исто член на Комисијата, дворецот на крал Никола. Една млада жена, кустос, со голема ангажираност ни ги покажуваше експонатите. Во тоа случајно стана збор за споменикот на Мештровиќ. – „Срамота! – рече таа гневно. – Сосем сигурно сум известена дека сношти му е доделена Његошевата награда на Крлежа, a тој ce искажа против споменикот!“

Hиe двајцата мизерно молчевме.

Сепак ceгa, пo многу години, ce надевам дека правото беше на наша страна.

(Продолжува)

БОНУС Видео: Везилка – Блаже Конески (говори Блаже Конески)

Треба да знаете
Moже да ве интересира