201 пациент чека орган

Во Македонија 29 пациенти чекаат трансплантација на срце, 12 на црн дроб и 160 на бубрег, додека околу 20 лица се на листата за пресадување рожница. Податоците ги соопшти националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, на панел-дискусија за органодарителството во Велес.

Бројките на листите постојано се менуваат поради извршени трансплантации, вклучување нови пациенти или смрт на лица кои навреме не добиле орган. На почетокот на јули на листите биле евидентирани 37 пациенти за срце, 12 за црн дроб, 168 за бубрег и 23 за рожница.

Кадаверичното дарување е можно само кај пациент со утврдена мозочна смрт, кој е хоспитализиран на интензивна нега, приклучен на респиратор и под терапија за одржување на циркулацијата. Органодарителството мора да биде доброволно, информирано и без принуда.

Од 1 октомври граѓаните ќе можат кај матичниот лекар да потпишат изјава дека сакаат да бидат органодарители. Одлуката ќе се евидентира во нов дигитален модул во „Мој термин“, а граѓанинот ќе може во секое време да ја промени или повлече.

Новото законско решение го проширува и кругот на живи дарители до четврти степен на сродство, со задолжителна проверка од етичка комисија. Министерството паралелно подготвува национална листа за евидентирање на лицата што дале согласност за дарување органи и ткива по смртта.

Во 2026 година беа извршени 16 трансплантации на рожница, како и трансплантации на срце и бубрег од починат дарител. Панелот во Велес е дел од националната кампања за зголемување на информираноста и довербата во системот за органодарителство.

Најчитано