Во Нов Загреб, 43-годишен маж е уапсен и му е одреден истражен притвор поради сомнение за обид за двојно убиство, откако во недела, 24 мај, во угостителски објект со нож нападнал и тешко повредил двајца мажи, пренесува Државното обвинителство на Хрватска (DORH).
Според наводите на обвинителството, осомничениот прво влегол во вербален конфликт со 26-годишен и 35-годишен маж во локал во Нов Загреб, по што конфликтот ескалирал во физички напад. Се наведува дека 26-годишниот маж бил избоден со нож во пределот на главата, левата натколеница и стомакот, додека 35-годишниот бил прободен во стомакот. Двајцата се здобиле со тешки телесни повреди, а нивните животи биле спасени поради навремена медицинска интервенција.
По испрашувањето во Жупаниското државно обвинителство во Велика Горица, против 43-годишникот е покрената истрага за две кривични дела обид за убиство, а обвинителството побарало одредување притвор поради опасност од повторување на делото. Судот го прифатил барањето и му одредил истражен притвор.
Според полицијата, инцидентот започнал околу 15:10 часот во угостителски објект на улицата „Светокларска“, откако на осомничениот му пречел разговорот на двајцата мажи со вработена во локалот. По вербална расправија, ситуацијата ескалирала кога осомничениот извадил склоплив нож и им наредил да излезат надвор, по што на паркингот пред објектот повторно дошло до конфликт.
По нападот, осомничениот избегал, но бил уапсен истата вечер, по што бил предаден на притворска единица по завршената полициска истрага.
