Живко Мукаетов: Политократијата и бирократијата ги бркаат младите од Македонија

Мукаетов за младите предупредува дека Македонија вложува повеќе од 60.000 евра за да образува еден лекар, но нему во просек му се потребни само шест минути за да донесе одлука да се исели. Генералниот директор на „Алкалоид“ смета дека младите ќе останат само ако знаењето, талентот и трудот добијат предност пред партиската припадност и бирократијата.

Во интервју за „360 степени“, емитувано на МРТ 1, Мукаетов рече дека на македонското општество му е потребна сеопфатна борба за луѓето да бидат помотивирани и да не ја напуштаат државата.

Според него, Македонија со години се соочува со ерозија на системот на вредности, при што талентираните и способните луѓе не се препознаваат доволно, а општеството премногу лесно се откажува од нив.

„Ако сакаме да ги задржиме младите, треба многу повеќе сите да работиме на систем на меритократија, а помалку политократија“, порача Мукаетов.

Како еден од највпечатливите примери го посочи образованието на лекарите. Според анализата на која се повика, за еден доктор да го заврши медицинското образование во Македонија се трошат повеќе од 60.000 евра, додека одлуката да се исели може да ја донесе за само неколку минути.

За Мукаетов, платата и условите на работното место се важни, но не се единствената причина поради која младите заминуваат. Одлуката да се остане зависи од целиот пакет што го нуди државата – квалитетот на воздухот, образованието, здравството, функционирањето на институциите и можноста човек да напредува според своето знаење и работа.

Тој смета дека прекумерната бирократизација дополнително ги забавува и граѓаните и компаниите. Решението го гледа во поефикасни институции, дигитализација и намалување на административните процедури што одземаат време и ресурси.

Намалувањето на бирократијата, според него, би создало подобри услови и за приватниот сектор да се развива, да обезбедува повисоки плати и да уплаќа повеќе даноци. Поголемите буџетски приходи потоа би требало да се вратат кај граѓаните преку поквалитетно образование, здравство и јавни услуги.

Интервјуто со Мукаетов беше реализирано по повод 90-годишнината на „Алкалоид“, компанија на чие чело тој се наоѓа во последните две децении. Разговорот ги опфати и развојот на компанијата, освојувањето странски пазари, недостигот од квалификувани кадри и условите што треба да ги понуди Македонија за луѓето да ја гледаат својата иднина дома.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?