Властите сакаат да инвестираат во културна инфраструктура, но не ја гледаат независната културна сцена како партнер, а не ја прифаќаат ниту нејзината критичност кон општеството, културата и политиката – што е нужно потребно, оцени независната уметница и коосновачка на „Прес ту егзит’, Христина Иваноска, во гостувањето во шорткастот „Интеркултура“ со Роберт Алаѓозовски.
„Мора да се негува алтернатива, независна културна сцена, бидејќи она што го нудат државните институции е недоволно возбудливо, зачмаено, не е во тек со она што се случува со светските текови. Дури и просторите се запуштени, нема доволно ниту инфраструктура ниту кадар кој што може да ви помогне во реализација на вашите простори. Мислам дека е само прашање на моќ и контрола, кога станува збор за власта и просторите.“, оцени Иваноска.
Таа смета дека има неискористени простори што може да се отворат насекаде низ земјата, за што е потребна само политичка волја.
„Мислам дека има потенцијал за простори коишто се недоволно искористени коишто само им треба политичка волја, најмногу политичка волја, за ваква една форма на партнерски простори да се отворат на различни локации низ градот и низ земјата“, вели Иваноска.

