Почна нова акција за отстранување на хаварисаните автомобили кои со месеци, а некаде и со години, зафаќаат паркинг-места и јавни површини во Аеродром. Според информациите објавени во групата „Општина Аеродром – Граѓанска патрола“, инспекциските служби денеска почнале со подигнување на напуштените возила.
Граѓаните се повикуваат директно да помогнат во мапирањето на проблемот. Доколку во нивната населба има старо или хаварисано возило кое подолг период стои на јавен паркинг, треба да испратат фотографија и точна локација, преку Google Maps или со наведување на адресата.
„Да продолжиме со мапирање на локации со хаварисани возила низ Аеродром, која потоа би ја доставиле на увид до службите за понатамошно процесирање“, се наведува во повикот на граѓанската иницијатива.
Хаварисаните автомобили со години се еден од проблемите на паркинзите во Аеродром. Освен што зафаќаат места во населби каде паркирањето е веќе сериозен проблем, дел од нив со текот на времето се претвораат во импровизирани магацини или места каде се остава отпад.
Општината претходно информираше дека во една од акциите биле подигнати 15 хаварисани возила, додека сопствениците на уште 22 автомобили сами ги отстраниле по добиеното известување. Според тогашните проценки, бројот на стари, нерегистрирани и хаварисани возила на територијата на цела општина се движел во стотици.
Проблемот стана дополнително видлив со подготовките за проширување на зонското паркирање во Ново Лисиче и Реонски центар. Во мај сопствениците на хаварисани автомобили во Ново Лисиче добија известувања сами да ги отстранат возилата за да може непречено да се обележуваат паркинг-местата.
И општинските прописи забрануваат оставање нерегистрирани и хаварисани возила, приколки и камп-приколки на јавните површини.
Во најновиот повик граѓаните се охрабруваат да доставуваат што повеќе конкретни локации за службите да можат полесно да ги евидентираат возилата.
Затоа, ако хаварисан автомобил со месеци ви зафаќа паркинг-место пред зградата, фотографирајте го и испратете ја точната локација.
