Апелација ја укина казната за Самараков: предметот се враќа на повторно судење

Фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ

Апелациониот суд Скопје ја укина првостепената пресуда со која Ангел Самараков, поранешен телохранител на премиерот Христијан Мицкоски и полициски службеник од Шестата управа на МВР, беше осуден на една година и шест месеци затвор за одавање службена тајна. Предметот е вратен на повторно судење, кое треба да почне на крајот на месецот.

Укинувањето на пресудата не значи дека Самараков е ослободен од обвинението, туку дека Апелација оценила дека предметот треба повторно да се разгледува пред првостепениот суд. Во новата постапка повторно ќе се оценуваат доказите, сведочењата и аргументите на обвинителството и одбраната.

Самараков е обвинет дека на 30 март 2025 година, на паркинг пред хотел во Велес, како службено лице вработено во МВР, му направил достапни службени полициски документи на сведокот Благоја Коруновски, за тие да бидат објавени на социјалните мрежи. Обвинителството тврдеше дека мотивот бил користољубие и дека за тоа требало да биде прибавен износ од 50.000 евра.

Сведокот Коруновски е познат на органите на прогонот и претходно бил осуден за убиство, но обвинителството во првостепената постапка тврдеше дека неговото минато не е доволна причина неговиот исказ однапред да се отфрли како неверодостоен. Одбраната, пак, тврдеше дека станува збор за незаконско поттикнување на кривично дело и дека Самараков бил доведен во ситуација во која токму сведокот го насочувал случајот.

Во судницата беа презентирани и снимки на кои, според обвинителството, се гледаат и слушаат разговори за документи, кривични пријави и пари. Одбраната во постапката посочуваше дека од 28 докази, обвинителството за 20 сметало дека не се службена тајна, а спореше и за преостанатите осум.

Случајот има дополнителна јавна тежина затоа што обвинетиот бил дел од единицата што обезбедува ВИП-личности и во периодот на обвинението го обезбедувал премиерот. Затоа повторното судење нема да биде само тест за конкретната кривична постапка, туку и за тоа како системот ги контролира лицата со пристап до чувствителни полициски информации.

Зачлени се на нашиот е-билтен