Австрискиот Уставен суд почна да ја разгледува уставноста на контроверзниот закон со кој на безбедносните служби им се овозможува пристап до шифрираните пораки на лица осомничени за тероризам и шпионажа.
Законот за надзор на комуникацијата преку апликации беше усвоен во јули минатата година. Владата тврди дека мерката е неопходна за спречување тешки напади врз уставниот поредок и дека ќе се применува само кога другите истражни методи не се доволни.
Иницијативата за негово укинување заеднички ја поднесоа пратеници од десничарската Слободарска партија и Зелените. Тие предупредуваат дека законот претставува несразмерно мешање во приватноста и може да создаде чувство дека секој граѓанин е потенцијално следен.
Во центарот на спорот е начинот на кој властите би пристапувале до заштитената комуникација. Критичарите предупредуваат дека за читање на пораките ќе биде потребно инсталирање специјален софтвер на уредите на осомничените, односно користење таканаречен „државен тројанец“.
Според противниците на законот, ваквиот систем би можел да ги принуди властите намерно да ги чуваат во тајност безбедносните слабости во мобилните телефони и оперативните системи. Тоа, како што предупредуваат, би ја зголемило ранливоста не само на граѓаните, туку и на здравствениот систем, енергетиката и другата критична инфраструктура.
Владата ги отфрла обвинувањата за масовно следење и нагласува дека надзорот ќе биде строго ограничен, со судска контрола и дополнителен надзор од независен правен службеник. Опозицијата, пак, се сомнева дека предвидените механизми се доволни за да спречат злоупотреба.
Одлуката на Уставниот суд може да има далекусежни последици за балансот меѓу националната безбедност и дигиталната приватност. Истиот суд во 2019 година веќе укина претходно решение за користење државен тројанец.
