Новиот унгарски лидер Петер Маѓар веќе најави дека ќе ја преиспита положбата на Груевски, како и на двајцата поранешни полски функционери Збигњев Зјобро и Марчин Романовски, кои исто така добија засолниште во Унгарија.
Маѓар ја постави темата како дел од поширокото расчистување со наследството на Орбан, со порака дека Унгарија нема да биде „одлагалиште“ за политичари што се барани или осомничени во своите земји. За Груевски, клучниот проблем во моментов не е само Будимпешта, туку и Скопје.
Унгарскиот Telex пишува дека азилот не е право „врежано во камен“. Меѓународниот правник Тамаш Хофман за Telex објаснува дека статусот на бегалец се темели на оценка дали лицето навистина има основан страв од прогон.
Ако подоцна се утврди дека првичната оценка била погрешна и дека не станува збор за политички прогон, туку за обична кривична постапка, решението за азил може да се повлече. Таквата административна одлука може да се обжали пред суд, но постапката не мора да трае долго.
Тоа ја менува политичката сигурност на Груевски во Унгарија. Додека Орбан беше на власт, неговиот азил имаше јасна политичка заштита. По победата на Маѓар и партијата Тиса, таа заштита станува неизвесна. Но дури и ако новите унгарски власти го отворат досието и го повлечат азилот, тоа не значи дека Груевски веднаш би бил уапсен и предаден на Македонија. За тоа се потребни активни правни механизми: важечко барање за екстрадиција или меѓународна потерница.
Токму таму случајот влегува во македонска политичка зона. Според Telex, барањето за екстрадиција што го испратила претходната македонска влада веќе не е активно, а сегашната влада не го обновила, иако Мицкоски веднаш порача дека Груевски ќе биде апсен.
Во текстот се наведува и дека нема активна потерница на Интерпол за Груевски. Тоа значи дека ако Унгарија му го укине азилот, македонските власти би морале повторно да ја активираат постапката ако сакаат тој да биде вратен во земјата.
За Груевски, пак, укинувањето на азилот би имало друга последица. Тој не е државјанин на ЕУ и би морал да најде нова правна основа за престој во Унгарија или во друга земја од Шенген-зоната. Ако не добие виза или друг статус, би морал да ја напушти Европската Унија, односно да бега, сценарио на кое веќе предупреди опозицискиот СДСМ.