Берат, градот со илјада прозорци, древната мултикултура на Албанија и Балканот

Берат

На бреговите на реката Осум во централно-јужна Албанија, под сенката на карпестиот рид, лежи Берат, град стар два илјади и четиристотини години. Животот тука почнал во 6-от и 5-от век пред нашата ера, со илирското население, а во 3-от век п.н.е. населбата прераснала во утврдена цитадела позната како Антипатреа. Низ вековите низ овие улици минале Илири, Грци, Римјани, Византијци и Османлии, а нивните траги останале врежани во замоците, црквите, џамиите и иконографијата на градот.

Калето и тврдината

Најфасцинантен факт за Калето е дека тоа не е мртов музеј. Околу 100 семејства сè уште живеат внатре во ѕидините, покрај цркви стари осум века, а децата играат меѓу камењата на историјата и спружените алишта.

На карпест рид со врв на 214 метри надморска височина стои Кулата, крунa на Берат. Ѕидините, изгорени од Римјаните во 200 година п.н.е., биле зацврстени во 5-от век под императорот Теодосиј II, обновени во 6-от век под Јустинијан I, и повторно во 13-от век под деспотот на Епир Михаил I Комнен Дука. Од таа фаза сè уште може да се види монограм од црвени тули вграден во еден ѕид. Главниот влез датира од 1204 година, заштитен со утврден двор, а постојат и три помали влезови.

Внатрешноста на тврдината некогаш криела до 42 цркви, од кои денес се сочувани околу осум до десет, меѓу нив базиликата „Успение на Света Марија” од 1797 година и црквата „Света Троица” од 13-от век. Од единствената џамија во замокот, некогаш наменета за турскиот гарнизон, денес е зачувана основата на минарето. Тука е сместен и музејот „Онуфри”, со дела на најпознатиот албански иконограф од 16-от век, познат по употребата на вистинско златно ливче во своите бои.

Прозорци над прозорци, Берат како Охрид и Крушево

Куќите на Берат се редат една над друга по стрмнините на ридот, со белите фасади и дрвените испакнати прозорци свртени кон светлината. Оттука прекарот „градот на илјада прозорци”. Оваа архитектура е балканска станбена традиција од крајот на 18-от и 19-от век, приспособена на животот на занаетчиите и трговците. Куќите се граделе со камени основи и лесни дрвени рамки, со собите свртени кон југ за да го фатат секое зрнце сонце. Во 2008 година Берат, заедно со Ѓирокастра, беше запишан на листата на светско наследство на УНЕСКО.

Нам добро ни е позната оваа архитектонска логика на куќи наредени по стрмни падини, со камени основи и лесни горни катови. Секој што некогаш прошетал низ старата охридска чаршија знае колку тешко е да се тргне погледот од куќите поставени токму така да секоја ужива на езерото и на утринското сонце.

Слично како оној чекор нагоре кон Крушево, кон куќите изградени на височина од 1.350 метри, населени некогаш од Македонци, Власи и Албанци заедно, Овој јазик на градба, толку близок до нашето око и нашето сеќавање, не е случајна сличност. Тој е знак дека Берат, Охрид и Крушево, оддалечени со километри и граници, всушност припаѓаат на слични или блиски наследства, изградени од истиот копнеж да се живее убаво, во хармонија со ридот, со светлината и со соседот.

Многувековно заедништво на крстовите и полумесечините

Во тесните калдрмосани улици, црквите и џамиите стојат рамо до рамо. Внатре во замокот се кријат византиски цркви со вредни фрескои и икони, меѓу кои и Катедралата „Успение на Пресвета Богородица”, која чува музеј со над сто икони на Онуфри и неговиот син Николла. Од османлиското време остануваат Оловната џамија (1555), Џамијата на неженетите во Мангалем (1872), Царската џамија од 16-от век и Халветиското теке, духовно средиште на суфиските братства. Во музејот „Онуфри” се чува икона од 18-от век која во заднина прикажува минариња, дело често цитирано како портрет на албанската религиозна толеранција.

Оваа хармонија не била секогаш незагрозена. Во 1967 година, под атеистичкиот режим, скоро половина од џамиите и црквите биле срушени, а по падот на комунизмот во 1990 настапил период на запуштеност. УНЕСКО потоа помогна во обновата на традиционалните куќи и споменици.

Занаетот како начин на дишење

Берат отсекогаш бил град на занаетчии и трговци, а не само на владетели и војници. Дрворезбарството било едно од најпознатите занаетчиски умeења, а традицијата на резбани тавани и прозорски рамки останала жива низ генерациите. Ретка глава од историјата на градот е приказната за еврejската заедница, чувана денес во Соломоновиот музеј: Албанија била единствената земја во Европа во која еврejското население се зголемило за времето на Втората светска војна.

Берат денес, современ и мултикултурен

Денес Берат е поделен меѓу стариот и новиот дел. Стариот е музеј под отворено небо, чувар на калдрмите, минаретата и куполите; новиот носи свои институции, болници и секојдневен урбан живот.

Секое лето градот се претвора во сцена на Мултикултурниот фестивал на Берат, кој низ три вечери нуди изложби на слики од деца и млади, видео-проекции во Горица, џез концерти во самата тврдина, занаетчиски и агробизнис панаѓури и театарски перформанси.

Организиран од локалната власт заедно со културни организации како „People and Ideas” и „Artplus”, со поддршка на Министерството за култура, фестивалот секоја година привлекува локални, регионални и меѓународни изведувачи.

Седумнаесет години од упис на УНЕСКО листата, Берат останува показ дека диверзитетот не е привремена состојба, туку начин на постоење.

Најчитано