Лидерот на албанската Демократска партија, Сали Бериша, јавно се извини на граѓаните на Македонија по случајот со тројцата функционери на ВЛЕН на граничниот премин Ќафасан и директно го обвини премиерот Еди Рама дека стои зад постапувањето на албанските гранични служби.
Бериша изјави дека го упатува извинувањето „во име на сите Албанци“ до граѓаните на Македонија, до коалицијата ВЛЕН и до нејзините претставници. Случајот го оцени како сериозен политички и дипломатски скандал и како удар врз добрососедските односи меѓу двете држави.
На 8 јули на граничниот премин Ќафасан биле задржани координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани. Тие патувале со дипломатски пасоши и тврдат дека околу еден час чекале на границата без да добијат официјално образложение.
Според нивната верзија, по извршените проверки им било кажано дека тројцата можат да продолжат кон Албанија, но дека четвртото лице кое патувало со нив не може да влезе во земјата. Тие одлучиле заедно да се вратат во Македонија, по што, како што тврдат, им било посочено дека за нив постои забрана за влез.
Бериша го обвини Рама дека наредил функционерите на ВЛЕН да бидат запрени поради нивната наводна поддршка на антивладините протести во Албанија. Според него, со таквото постапување биле прекршени меѓудржавните договори и биле нарушени односите со соседна Македонија.
Албанската страна, сепак, излезе со поинакво објаснување. Извори од граничните служби на Ќафасан за албанските медиуми изјавиле дека за тројцата македонски функционери немало забрана за влез и дека тие можеле да го продолжат патувањето.
Според оваа верзија, проблем имало единствено со патната исправа на четвртиот патник, поради што нему не му било дозволено да влезе во Албанија. Тројцата функционери, како што тврдат албанските гранични извори, самите решиле да се вратат и да не ја продолжат посетата.
Од ВЛЕН побараа официјално и јавно објаснување од албанските институции дали навистина постоела мерка за забрана за влез, кој ја донел и врз која правна основа. Од коалицијата порачаа дека меѓудржавните и политичките односи мора да се градат врз институционална комуникација, транспарентност и јасни процедури.
