Берлин ја стега европската каса: Мерц бара помал буџет и без нов заеднички долг

Германскиот канцелар Фридрих Мерц побара значително намалување на предложениот долгорочен буџет на Европската Унија за периодот од 2028 до 2034 година, оценувајќи дека сегашните бројки се превисоки и финансиски неодржливи.

Говорејќи во Брисел, Мерц порача дека предлогот што е на маса не може да биде прифатен во сегашната форма и дека Европската комисија треба да подготви нова пресметка со пониски расходи.

„Предлогот е превисок. Бројките мора да се намалат“, изјави германскиот канцелар.

Европската комисија предложи буџет од околу 1,76 трилиони евра пресметани во постојани цени, односно речиси два трилиони евра во тековни цени. Актуелниот компромисен предлог предвидува намалување од околу два процента, но за Германија и за дел од побогатите членки тоа не е доволно.

Мерц се спротивстави и на можноста Европската Унија да зема нов заеднички долг, нагласувајќи дека земјите членки веќе се соочуваат со силен притисок врз националните буџети.

Новиот седумгодишен финансиски план треба да обезбеди пари за земјоделството, регионалниот развој, истражувањето и студентските програми, но и за новите приоритети како европската одбрана, безбедноста, конкурентноста и стратешките инвестиции.

Токму судирот меѓу традиционалните расходи и новите безбедносни потреби ги продлабочува разликите меѓу членките. Побогатите држави, кои во заедничката каса уплаќаат повеќе отколку што добиваат, бараат помал буџет, додека посиромашните членки се против намалување на средствата за земјоделците и регионалниот развој.

Европските лидери бараат и нови извори на приходи што би ја намалиле зависноста од директните уплати на националните влади. Меѓу можните решенија се даноци на дигиталните услуги, онлајн коцкањето и крипто-средствата, како и приходи од јаглеродните давачки и трговијата со емисии.

Ирска, која го презема претседавањето со ЕУ во јули, треба до октомври да предложи можен компромис за приходите и големината на буџетот.

Конечниот договор мора едногласно да го одобрат сите 27 земји членки, а согласност треба да даде и Европскиот парламент. Разликите меѓу државите остануваат големи, па преговорите за европската каса се очекува да бидат меѓу најтешките политички битки во Унијата до крајот на годината.

Најчитано