Од оваа учебна година мобилните телефони се забранети во училниците на средните училишта во Холандија, а мерката се проширува и во основните училишта.
Министерството за образование од Холандија наведе дека мобилнтие телефони ги одвлекуваат вниманието од учениците и ја намалуваат нивната способност за концентрација, што влијае на учењето.
Телефоните и понатаму може да се користат на час, доколку се неопходни за содржината на часот, на пример при учењето за медиумски вештини.
На учениците им е дозволено да користат мобилни телефони доколку тоа е потребно од здравствени причини, а одговорноста за спроведувања на забраната е на училиштата.
Според експертите, во училиштата во кои мобилните телефони се забранети се подобрува атмосферата и контактите помеѓу учениците.
„Паузите се посоцијални, бидејќи учениците почесто разговараат едни со други“ вели истражувачот Ло Повелс од Универзитетот Радбоуд во Најмеген.
Многу родители тврдеа дека децата кои одат во основно училиште воопшто не треба да имаат паметни телефони, поради ризикот од зависност од социјални мрежи.
Грција и Италија исто така ги забранија мобилните телефони во училниците, додека Германија веќе некое време разговара за таков потег.
Неодамнешна студија од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) препорачува ограничена и одговорна употреба на мобилните телефони во училиштата.
Преземено од Редакција Трн