Борба како во видеоигра и глума со скршен прст: Сара Климовска и Нина Елзесер за реалноста на македонскиот театар

Во најновото издание на емисијата „Трилинг“, истакнатите македонски актерки Сара Климовска и Нина Елзесер отворено зборуваа за предизвиците со кои се соочуваат уметниците во Македонија, суровата реалност на независната сцена и бескомпромисната посветеност кон театарот.

Според Сара Климовска, да се биде независен уметник во земјава подразбира соочување со многу пречки и лимитирани можности. Таа го спореди процесот на создавање нови проекти со нивоа во видеоигра, штом ќе се надмине еден проблем, веднаш се појавува нов. И покрај тоа, таа нагласува дека на независната културна сцена постои силна желба за создавање. Климовска посочи на еден суштински проблем во нашето општество е недостигот на континуитет и стратегија во градењето на културата. Правејќи паралела со соседна Србија, таа истакна дека таму се негува „култ кон глумците и луѓето кои ја создаваат културата“, додека кај нас почитта и култот кон уметниците едноставно ги нема.

Дека љубовта кон оваа професија е посилна од секоја физичка пречка, докажува и искуството на младата актерка Нина Елзесер. Таа сподели неверојатна анегдота за нејзината апсолутна посветеност на театарот. За време на изведбата на претставата „Ифигенија за ништо“, каде што боса удирала по масивен дрвен сандак, таа си го скршила прстот. И покрај лекарските забрани за настап и препораките за мирување, Елзесер одбила да ја откаже следната претстава. Следниот ден, на фестивалот во Велес, таа ја одиграла својата улога во „Фамилијата Адамс“ користејќи штаки, а нејзиниот колега Сашо Тасевски ја носел на грб од ресторанот до театарот. „Едноставно не е возможно да се откажам јас од мојата професија“, истакна таа, додавајќи дека е многу горда што не се откажала ниту во момент на вистинска физичка попреченост.

На крајот, пораката и на двете актерки е јасна: Публиката треба почесто да оди во театар, бидејќи тоа е место каде секогаш може да се пронајде вистината. Како што заклучува Елзесер, иако се вели дека актерите лажат, тие всушност преку сцената ја прикажуваат „суровата вистина којашто можеби луѓето некогаш не сакаат да си ја признаат“

Најчитано