Текот на реката Црн Дрим низ Струга привремено бил запрен поради технички дефект на електричен кабел, соопшти Општина Струга по бројните реакции и поплаки од граѓаните кои забележале драстично намалување на водата во речното корито.
Од Општината наведуваат дека веднаш побарале објаснување и одговорност од надлежните институции, оценувајќи дека загриженоста на стружани била целосно оправдана.
Според информацијата што локалната самоуправа ја добила од енергетската компанија, привременото запирање на протокот било предизвикано од проблем со електричен кабел. Екипите биле испратени на терен и работеле на отстранување на дефектот.
„По завршувањето на техничката интервенција, се очекува текот на реката повторно да биде вратен во нормална состојба“, соопшти Општина Струга.
Во објавата не се наведува каде точно настанал дефектот, колку долго бил запрен или намален протокот и во кој рок треба да заврши интервенцијата. Не е објавена ниту информација дали прекинот можел да предизвика последици врз живиот свет во реката и крајбрежниот екосистем.
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, побарал дефектот да биде отстранет во најкраток можен рок и надлежните служби да обезбедат нормализирање на протокот.
„Црн Дрим е едно од највредните природни богатства на Струга и неговото зачувување мора да биде приоритет“, порача Ќура.
Црн Дрим истекува од Охридското Езеро кај Струга и продолжува низ западниот дел на Македонија кон Албанија. На македонска територија реката е долга 56 километри и претставува важен дел од природниот, туристичкиот и економскиот идентитет на градот.
Реката е истовремено дел од значаен хидроенергетски систем. Хидроенергетскиот систем „Црн Дрим“, со кој управува АД ЕСМ, ги опфаќа хидроелектраните и браните „Глобочица“ и „Шпилје“. ХЕ „Глобочица“ се наоѓа околу 30 километри северно од Струга и со акумулацијата влијае врз режимот на водите во овој дел од сливот.
Исчезнувањето или значителното намалување на водата во коритото предизвика реакции кај граѓаните, особено поради тоа што Црн Дрим минува низ централното градско подрачје и е едно од главните природни и туристички обележја на Струга.
