Дипломи под сомнеж: Филозофски и Славјански завршија во Обвинителство

ФОТО: Слободен печат

Министерството за образование и наука започна постапки за поништување дипломи на Филозофскиот факултет при УКИМ и на Славјанскиот универзитет, по утврдени неправилности во издавањето академски документи. Случаите се пријавени во Јавното обвинителство, кое треба да утврди дали зад административните пропусти има и кривична одговорност.

На Филозофскиот факултет, Министерството поништува осум дипломи поврзани со претходно поништени уписи. Станува збор за група од 17 студенти, од кои дел биле запишани на втор циклус и веќе стекнале магистерски дипломи, додека други продолжиле на трет циклус студии. Факултетот има обврска да поништи уште едно преостанато уверение, по што МОН треба да ги финализира постапките за сите засегнати студенти.

Случајот произлегува од вонреден надзор на Државниот просветен инспекторат, кој утврдил дека на Филозофскиот факултет од 2019 година биле запишувани студенти на магистерски и докторски студии иако претходно завршиле тригодишни стручни студии. Според Законот за високо образование од 2018 година, таквите студии не овозможуваат директен премин во втор и трет циклус академски студии.

Во едно од објавените решенија на Министерството се наведува дека диплома и додаток на диплома за завршен втор циклус академски студии се поништуваат врз основа на член 205 од Законот за високото образование. Во образложението се наведува дека студентот бил запишан спротивно на законските и универзитетските правила, откако кредитите од стручни и специјалистички студии биле пресметани како основа за упис на академски втор циклус.

Вториот случај се однесува на Славјанскиот универзитет, каде што се поништени две дипломи на еден студент. Министерката Весна Јаневска изјави дека студентот истовремено бил запишан на додипломски и постдипломски студии и дека постои сериозно сомнение за фалсификат на двете дипломи.

Од МОН најавуваат дека постапуваат еднакво кон јавните и приватните високообразовни установи и дека секоја утврдена неправилност ќе биде процесирана. За кривичниот дел, натамошната постапка останува во надлежност на Обвинителството, кое треба да утврди дали одговорноста завршува кај поништени документи или се проширува кон лица и институции што овозможиле спорни уписи и дипломирања.

Зачлени се на нашиот е-билтен