Дронови го блокираа небото над Москва: Четири аеродроми беа затворени

Речиси 60 украински дронови биле соборени на пат кон Москва, поради што руските власти привремено го запреле сообраќајот на четирите главни аеродроми во руската престолнина.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека системите за противвоздушна одбрана ги пресретнале леталата кои се движеле кон градот. Екипи на итните служби биле испратени на местата каде што паднале остатоците, но засега нема информации за жртви или поголема материјална штета.

Летовите привремено биле прекинати на аеродромите Шереметјево, Домодедово, Внуково и Жуковски. Руската агенција за цивилно воздухопловство подоцна соопшти дека ограничувањата се повлечени и дека воздушниот сообраќај постепено се нормализирал.

Според податоците на руското Министерство за одбрана, во текот на ноќта над Русија и териториите под руска окупација биле пресретнати вкупно 301 дрон. Овие тврдења не можат независно да бидат потврдени.

Новиот напад следува по серијата украински удари врз Москва и руската енергетска инфраструктура. Минатата недела со дронови двапати беше погодена московската нафтена рафинерија, која е еден од клучните снабдувачи со гориво во регионот.

Најчитано