Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО: Носиите, песните и ората се македонски амбасадори во светот

Многу е значајно младите да ја запознаат локалната традиција преку презентација на носијата, ората и песните, сметаат етнокореолозите, Дени Синадиновски и Бојан Петковски, кои заедно организираат семинари за традиционална музика и игра.

Синадиновски и Петковски уште од мали нозе се заинтересирале за македонската традиција, и двајцата биле дел од културно уметничките друштва подоцна се пресликала во образовниот процес, а сега и во нивната работа, етнокореологијата.

-За фолклорот и за културно-уметничко друштво се заинтересирав од шестгодишна возраст бидејќи мојот татко е играорец, но бидејќи сакав и подлабоко да се занимавам со науката го продолжив и образованието и веќе пет години работам ја негувам етнокореологијата како наука и како уметност,“ објаснува Синадиновски.

Петковски пак, вели дека пресекот во животниот пат се случил откако од играорец сакал да стане научник и уметник во доменот на традиционалната култура.

-Етнокореологијата, просто кажано е наука за традиционалното чекорење и претставува дел од пошироката наука етнологијата, а називот настанал од зборовите етно-народ, корео -чекор и логија-наука. во Македонија оваа наука се развива во последните 20 години, но сепак истражувањата се навистина потребни бидејќи Македонија е непресушен извор на традиција и култура, вели тој.

Целта на овие етнокореолози е преку своите истражувања, да ги доближат убавината и симболиката на традицијата и затоа три години по ред одржуваат едукативни семинари.

За Рацин.мк тие велат дека само преку спознавање на локалното може да стигнеме до поголеми знаења, а интерес на семинарите биле градовите Куманово, Крива Паланка и Кратово.

– Оттука „преку спознавање на локалното до глобални знаења“ стана главна премиса во нашето научно и уметничко делување. Така беше креиран и првиот јавен настан преку кој го афирмиравме овој став. Првата условно речено, локалната традиција, која сакавме да ја доближиме токму до директните наследници беше традиционалната култура кон крајот на XIX па се до средината на XX век која се случувала во Жеглигово, Средорек, Западен и источниот дел на Славиште и Дурачка река вели Синадиновски.

Вториот бил насловен „Шопци и которци“ и се презентирале игри и песни од пределот на Кумановско кон Светиниколско и Штипско, односно од некогашниот предел, Жеглигово кон пределот Овчеполе.

Ората и носиите, важен сегмент од македонската традиција

Кога станува збор за ората, секое подрачје во земјата си има свои обележја. Па така во западното подрачје доминантни се повеќе мажите со нивната машка игра, каде што ората изобилуваат со големи високи скокови и со вртешки.

– Во северното подрачје, можеме да забележиме дека има побрзи, поточно потемпераментни ора како за машката игра, така и за женската игра, додека пак за источното игровно подрачје, значајна е женската музичката придружба, ако во западното и во северното се застапени тапанот и зурлата како препознатливи музички инструменти, веќе во источното подрачје останува само тапанот, додека пакво јужното подрачје женските традиционални ора се издвојуваат со елеганција, вели Синадиновски.

Покрај ората, песните и инструментите, секако една од ннајзначајните материјални нишки се носиите, кој порано биле можеби и секојдневна облека, а денес пак се дел од колециите на љубителите на носии или пак како Петковски дел од неговото истражувачко наследство.

– Главна карактеристика на македонската носија е везот со раскошни и геометриски шари, срмата, како и накит изработен од метал, среброи цвеќиња. Како карактеристичен украс особено на женските носии најмногу се везеле кошулите и покривките за глава. Везовите се развивале и негувале на целата територија од Македонија. Во нивниот колорит доминира црвената боја, иако се застапени зелената, жолтата и темно сината, вели Петковски.

Тој појаснува дека освен културно – историските прилики и творечкиот дух на народот, во оформувањето и обликувањето на народните носии во Македонија од значење се и географско – природните услови.

Високите планински масиви, со кои се одликува релјефот на Македонија, давале одредени услови за стопанисување, кое од своја страна нашло одраз во животот и културата на населението. Со посебни специфични форми, како во материјалната, така и во духовната култура, се издвојува културата на планинците, кои, главно, се занимаваат со сточарство, од културата на рамничарите, кои главно се ориентирани кон земјоделството. Во многу предели овие две култури се преплетуваат, создавајќи на тој начин поинакви форми на сложената култура на облекувањето, како и во целокупниот народен живот воопшто.

-Исто така многу значајно за зачувување на културните различности во Македонија е затвореноста на пределите или може да кажеме во тие периоди на селата и немешањето, со што се зачувала автентичноста се до денес, појаснува Петковски.

Младите ја сакаат традицијата

Според етнокореолозите, традицијата треба да биде на исто рамниште со останатите уметности, а тоа ќе се постигне само ако традицијата соодветно се третира и со тоа се однесе на повисоко ниво.

Петковски и Синадиновски велат дека кај младите има голем интерес за традицијата, но треба да се зголеми капацитетот на институциите за да се канализира таа заинтересираност во најразличи форми.

Двајцата велат дека се свесни за тековните трендови, глобализацијата потребата од осознавање на огромниот број на информации поврзани со традиционалната култура.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново